АНТИКОРУПЦИСКА БАРА ИНСТИТУЦИИТЕ ДА УТВРДАТ ОДГОВОРНОСТ ЗА НАТАША ГАБЕР – ДАМЈАНОВСКА

0
174

Антикорупциската комисија покрена иницијатива до сите надлежни органи за утврдување одговорност на директорката, претседателот и членовите на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители поради прекршување на Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси, како и на Изборниот законик.Надлежните институции имаат рок од 60 дена да ја разгледаат и да постапат по оваа иницијатива.

-ДКСК отвори предмет за вработувањата во Академијата за судии и јавни обвинители, за време на изборите, за што утврдивме дека е спротивно на законите, а тоа практично го потврдија и Управниот и Вишиот Управен суд, кои ја отфрлија жалбата на Академијата за судии и јавни обвинители. Затоа, сметаме дека и оваа иницијатива е целосно оправдана и дека надлежните институции ќе постапат соодветно и во предвидениот рок, соопштуваат од ДКСК.

Управниот суд прво ја уважи жалбата на Академијата, но подоцна донесе пресуда со која се потврдува одлуката на ДКСК и ја отфрлија жалбата на Академијата.Претставката до ДКСК беше поднесена од претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Сиљановска-Давкова. Таа тврдеше дека се крши изборниот законик и ДКСК два пати носеше одлука дека селекцијата на кандидати мора да запре до завршување на изборниот процес односно избор на претседател, пратеници и Влада.

Академијата пак тврдеше дека станува збор за итен процес поради недостиг на кадар во судството и обвинителството и дека не станува збор за вработување на кандидатите кои иако добиваат плата, доколку не минат фаза од селекцијата, треба да ги вратат примените средства.