АНАЛИЗА НА ФОКУС : ИЛЈАДНИЦИ ГРАЃАНИ СЕ СПАСИЛЕ ОД СМРТ БЛАГОДАРЕНИЕ НА ФЗУ ФЗУ И ДОКТОРИТЕ ВО ЖАН МИТРЕВ И СИСТИНА

0
769

Од 2019 година наваму, болницата на кардиохирургот Жан Митрев добила околу 49 милиони евра, додека „Систина“, поврзана со Орце Камчев, околу 39 милиони евра од ФЗОМ. Станува збор за средства исплатени за зафати на срце, кои се прават во неколку болници низ државава, а од 2015 година профункционира и Државната кардиохирургија.

Сепак, и покрај сѐ поголемиот број на кардиохируршки интервенции на државна сметка во јавното здравство, тоа не ги намали средствата што ги добиваат двете најголеми приватни болници. Напротив, сумите секоја година растат.
од Fokus 14.11.2023

Болницата на Жан Митрев од 2000 до 2010 е единствената во која македонските граѓани ќе можат да направат операција на срце и сложени кардиолошки интервенции. Во државното здравство, во тој период не постоеше таква опција.Со првата бај-пас операција на 1 март 2000 година официјално почнува со работа Специјалната болница за хируршки работи „Филип Втори“. Црвената панделка ја пресече тогашниот претседател Борис Трајковски, со што, како што велеа тогаш од болницата: „Се испишува историја во македонското здравство“.

Факт е дека докторот Митрев доби голема помош од државата, па на тој начин вртоглаво ја лансираше својата кариера, за што дополнително помогнаа и медиумите, каде што со години се рекламираше.

Сето тоа се случуваше во период кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ, под капа на поранешниот премиер Љубчо Георгиевски, кој во неколку наврати објасни што му овозможила државата на кардиохирургот.

„Државата му отстапи на Жан Митрев цел кат во стара Воена болница, му го реновираше и му го опреми и не ме држете за збор, но мислам дека вложи во медицинска техника и апарати над 15 милиони марки. Дополнително, и странска помош што доаѓаше ја отстапувавме во неговата болница“, тврдеше Георгиевски.

Митрев беше прв и единствен во оваа област сѐ до 2010 година, кога и официјално добива конкуренција, но не во државното здравство, туку кардиохируршки оддел отвора и болницата „Систина“ и склучува договор со Фондот за здравство.Автоматски, буџетот од државата за доктор Митрев се намалува. Тука почнува натпреварот, а со самото тоа и кавгите.

Познатиот кардиохирург, дали сакал да признае или не, ќари многу од државата, но во 2010 година некако работите се променија и наеднаш Митрев повторно се најде во центарот на вниманието.
Ако едната болница добие операции на фондовска сметка, тогаш автоматски треба да добие и другата. А, битката за пациенти ги одржува низ годините.
Според досегашните случувања, тие индиректно си правеа местенки едни на други, а главната улога во секое наместено сценарио секогаш ја играа пациентите, во зависност од тоа која страна ќе ја избереа.

Една од јавните кавги меѓу двете клиники се одвиваше пред точно 13 години, кога тогашната „Филип Втори“ влезе во војна со Фондот за здравство за намалени операции на срце на државна сметка.

Тогаш, кардиохирургот Митрев се закануваше со прекин на операциите, кои подоцна ги запреа, за на крај и двете страни под притисок да бидат принудени да најдат заедничко решение. Нели, сѐ за пациентите!Исто така, при крајот на декември, 2011 година „Филип Втори“ се соочи со уште еден удар од своите конкуренти, а тоа беше на јавната лицитација во Министерството за здравство за просторот во старата Воена болница, каде што претходно беше сместена болницата на кардиохирургот Митрев.

Тој за простор од 3.138 квадратни метри плаќаше месечна кирија од само 1.700 евра, но цената наеднаш скокна за 44 пати. Тоа значеше дека од следната 2012 година „Филип Втори“ на државата требаше да ѝ плаќа кирија на месечно ниво од 75.000 евра.Тука голема улога одигра и „Систина“, кои се вечни непријатели со Жан Митрев, но цело време ја водат истата битка. И тие се рекламираа во сите медиуми, па и двете болници долг период беа заштитени мечки, зашто нивното име не смееше да се спомне во никаков лош контекст.

МИЛИОНИ ОД ФЗОМ ЗА СРЦЕ
Без разлика што и во двете болници повеќето здравствени услуги што се нудат се плаќаат приватно, сепак кардиохируршките интервенции се на фондовска сметка. За таа цел, на годишно ниво се одделува одредена сума пари.Покрај нив, тука се и стентовите што им се вградуваат на пациентите. Сѐ друго граѓаните плаќаат од свој сопствен џеб и тоа енормни суми на пари.

„Фокус“ се обрати до Фондот за здравство, од каде што побаравме да ни дадат одговор на неколку прашања, а клучното прашање беше – колку пари на годишно ниво добиваат двете најголеми болници и за кои здравствени услуги?Од таму добивме одговор, кој се однесуваше на последните 5 години, поточно од 2019 година наваму:

„Двете приватни здравствени установи – клинички болници, Аџибадем Систина Скопје и Жан Митрев клиника Скопје имаат склучено договор со ФЗОРСМ за пружање и плаќање на здравствени услуги на осигурениците од областа на кардиохирургија и кардиоваскуларната хирургија.Висината на надоместокот за 2023 година е 495. 000.000 денари за Аџибадем Систина и 547.091.000 за „Жан Митрев клиника“.

Претходната 2022 година, надоместокот на Аџибадем Систина беше на исто ниво, а на Жан Митрев клиниката беше 602.000.000 денари, како и во 2021 година.
Во 2020 година, надоместоците беа – за Аџибадем Систина 528.000.000 денари, а за Жан Митрев клиника 682.000.000 денари.
Во 2019 година, надоместокот на Аџибадем Систина бил 443. 000.000 денари, а на Жан Митрев клиника 612.000.000 денари“, се наведува во официјалниот одговор на Фондот за здравство.

Според пресметките, во последните 5 години, во касите на двете најголеми приватни болници влегле околу 88 милиони евра за операции на срце и кардиолошки интервенции.
Поточно, од 2019 година наваму, „Жан Митрев Клиник“ добиле околу 49 милиони евра, додека, пак, „Аџибадем Систина“ околу 39 милиони евра.
Тоа не се малку пари, со оглед на тоа што овие интервенции се прават и во неколку болници низ државата, а од 2015 година наваму, по години празни ветувања и натегања, конечно профункционира и Државната кардиохирургија.

За време на корона кризата, таму беше направена и првата кадаверична трансплантација на срце, односно трансплантација од починат донор.
Сепак, и покрај сѐ поголемиот број кардиохируршки интервенции што се прават на државна сметка во јавното здравство, тоа не ја намали сумата на пари што ја добиваат двете најголеми приватни болници, туку напротив сумите секоја година растат.
„Самото движење на нивната висина, значи утврдување на нивните надоместоци согласно потребите и финансиските можности на ФЗОРСМ, имајќи предвид дека голем дел од кардиоваскуларните процедури се вршат во неколку ЈЗУ.

Тоа се УК за кардиологија, УК за тораковаскуларна хирургија, Градската општа болница„ 8 Септември“, Клиничката болница Штип и други, а кардиохируршките процедури се вршат во ЈЗУ УК за Кардиохирургија, која од година во година врши се повеќе здравствени услуги од областа кардиохирургија“, се наведува во одговорот од Фондот за здравство на прашањето дали од приватните болници има реакции дека парите што ги добиваат на државна сметка не се доволни.