Алкалоид: Цените на нашите производи се исти како од 1 февруари и нема да се зголемуваат

0
1180

Излезните цени на производите на „Алкалоид АД Скопје, особено на лековите, дезинфициенсите, медицинскиот алкохол, антисептиците и останатите средства со антибактериско дејство се дистрибуираат согласно ценовниците кои важат од 1 февруари 2020 година и ќе останат исти, соопштија од фармацевтската компанија.

„Компанијата одлучи да не ги зголеми цените на ниту еден производ од било кој сегмент на своето производство независно од зголемувањето на цените на влезните суровини и логистичките и ресурсните предизвици со кои се соочува – велат од „Алкалоид“.

Од таму додаваат дека компанијата работи со максимална искористеност на своите производни капацитети и човечки ресурси.

„Направивме реорганизација на сите процеси со цел да ги задоволиме барањата на македонскиот пазар за лекови, дезинфициенси, медицински алкохол, антисептици и останати средства со антибактериско дејство“, велат од компанијата. Тие предупредуваат дека „заради големата побарувачка на дел од тие производи и предизвиците со кои се соочуваме при набавка и транспорт на суровини и амбалажа од увоз, можно е да се јави застој во некој сегмент, но во никој случај нема да се дозволи прекин во снабдувањето на било кој од споменатите производи’ – се наведува понатаму во соопштението.Во компанијата преку 150 вработени се ослободени од работа заради тоа што припаѓаат на ризичните групи.