Албанскиот претседател Илир Мета изјави дека и покрај тоа што Македонија не доби датум за преговори во очекуваниот термин и тоа поради вина на Албанија, тогашниот премиер Зоран Заев поднесе оставка и покажа висока свест.
Мета во синоќешното интервју за албанската телевизија Клан во емисијата „Опинион“ рече дека „Заев и покрај тоа што пречка за Македонија беше токму Албанија бидејки меѓународниот фактор сакаше двете држави да добијат датум за почеток на преговори, одлучи да даде оставка и земјата да оди на предвремени избори, а тоа значи дека покажа висока свест, а за жал тоа во Албанија не се случува, и премиерот Еди Рама ги има под контрола сите институции“.
Шефот на албанската држава ја пофали македонска влада и во однос на делувањето во состојба на пандемија за заштита на стопанството. Тој упати критики на адреса на албанската влада и додаде дека таа има големи разлики со Македонија.
-Додека албанскиот премиер Еди Рама на 7 и 8 мај со околу 2 илјади полицајци ги растураше протестите за заштита на националниот театар во Тирана, македонската влада донесе одлука за усвојување и на третиот економски пакет за подршка на економијата во земјата – рече Мета и нагласи дека затоа Албанија се наоѓа во тешка економска состојба .
Во интервјуто во емисијата Мета упати критики на власта но и опозицијата во Албанија поради политичката состојба и додаде дека на земјата и се потребни предвремени избвори за излез од тешката состојба.
К. Мимидиноски