АЛБАНИЈА АПЕЛИРА ДО САД И ЕУ ДА ИНСИСТИРААТ НА ДИЈАЛОГ ЗА КОСОВО, А КУРТИ И ВУЧИЌ ДА РАЗГОВАРААТ

0
556

Албанската министерка за Европа и надворешни работи Олта Џачка повторно реагираше на тензиите на северот на Косово, но овој пат со поблаг тон во споредба со синоќешната реакција, јави дописничката на МИА од Тирана. Таа апелира до САД и ЕУ да инсистираат на дијалог, а косовскиот премиер Албин Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ да разговараат.  – Ги повикуваме двајцата лидери да седнат и да разговараат, а ЕУ/САД бараме да инсистираат на тоа. Сè друго освен дијалог е осудено на неуспех, за жал. Следејќи ја секоја минута оваа тажна сцена на вештачки продолжената криза на северот на Косово ние сме длабоко загрижени од ескалацијата на тензиите, пишува Џачка. Меѓу другото, таа пишува дека „Србија треба да престане да го поддржува поставувањето барикади со неоправдани причини“.

Порачува дека „барикадите не штитат ниту еден Србин на Косово, туку ја поткопуваат нашата заедничка иднина”. – Ниту војската на Србија ќе влезе во Косово, ниту војската на Косово ќе влезе во каков било вооружен судир. Се работи за претстава на домашната политика и нема никаква врска со интересите на обичните луѓе. Ова е крајно опасно и мора да се запре за доброто на целиот наш регион, порача Џачка. Таа додаде дека Албанците и Србите се двата најголеми народи во овој регион и тие се „осудени“ да најдат стабилен пат кон заедничка иднина. Претходно реагираше нејзиниот српски колега Ивица Дачиќ во врска со нејзината синоќешна реакција во која таа вели дека Албанија го поддржува Косово и ги повика „српските власти да не ги оправдуваат ниту барикадите, ниту криминалните групи кои одбиваат да ги отстранат“. Дачиќ ја обвини Џачка дека го охрабрува премиерот на Косово да продолжи со провокациите.