МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА ГИ КАЗНИ ОПШТИНА ПРИЛЕП И ГРАДОНАЧАЛНИКОТ МАРЈАН РИСТЕСКИ

0
1625

Пишува: Зоран Милошески

Заради подигање спомен-обележја без претходно донесена Програма за одбележување на значајни настани и истакнати личности со спомен-обележја за период од 5 години, секторот за управен и инспекциски надзор при Министерството за култура им изрече парична казна на Општина Прилеп и на градоначалникот Марјан Ристески.

Казната е изречена после извршениот вонреден инспекциски надзор во деловните простории на Општина Прилеп, а после поднесената пријава од страна на прилепскиот адвокат Жарко Стеваноски за утврдување на законитоста на спроведената постапка за подигање на спомен-обележја на територијата на Општина Прилеп во периодот од 2011 до 2013 година.

Инспекторот за култура при секторот за управен и инспекциски надзор на Министерството за култура, констатирал прекршок по член 17 од Законот за меморијалните споменици и спомен-обележјата (ЗМССО). После записнички констатираниот прекршок, на 17.11.2015 година во присуство на овластени лица од Општина Прилеп, инспекторот им издал прекршочен платен налог на правното лице Општина Прилеп, како и на одговорното лице во правното лице, градоначалникот Марјан Ристески.

Согласно Законот за изменување и дополнување на ЗМССО објавени во Сл. Весник на РМ број 152 од 03.09.2015 година, висината на казната за Општина Прилеп изнесува 5.000 евра, а прилепскиот градоначалник ќе треба да плати 30% од таа сума, односно 1.500 евра.

Она што е уште позначајно, е дека во пријавата поднесена до Министерството за култура адвокатот Стеваноски ја посочил и злоупотребата која надлежните лица од Општина Прилеп ја направиле по однос на постапката за јавни набавки во делот на конкурентноста на понудите, транспарентноста при изборот на идејно решение и презентацијата на идејните проекти пред јавноста.

Со оглед на тоа што Министерството за култура не е надлежно да постапува за извршени повреди на одредби од Законот за јавните набавки, копија од пријавата и комплетната документација Министерството испратило на увид и понатамошно постапување до Основното јавно обвинителство во Прилеп.

Kazna

Во споменатиот период 2011-2013 година, во Прилеп беа подигнати споменици на Кузман Јосифоски-Питу, Пере Тошев, Пеце Атанасоски, Ѓорче Петров, Блаже Конески и Круме Кепески, за што биле потрошени 181.830,00 евра. Во исто време беше изградено и спомен обележјето „Карпалак“, чија цена на чинење изнесувала 487.804,88 евра.

Извор : РеволуционерМк