ХИДРОЦЕНТРАЛАТА „ЧЕБРЕН“ ЌЕ БИДЕ ЕДНА ОД НАЈВИСОКИТЕ ВО СВЕТОТ И КЛУЧНА ВО ЕНЕРГЕТСКАТА ТРАНЗИЦИЈА, ТВРДИ АНДОНОВ

0
455

Хидроцентралата „Чебрен“ е најголемиот проект во енергетиката и производството на електрична енергија во Северна Македонија, со инвестицијата во вредност од околу една милијарди евра, со инсталиран капацитет од најмалку 333 мегавати.Токму затоа, според директорот на развој и инвестиции во АД ЕСМ, Виктор Андонов, хидроцентралата „Чебрен“ ќе игра клучна улога во енергетската транзиција помагајќи во намалување на производството од јаглен и поддржувајќи обновливи извори на енергија.

„Планираната висина на браната од 192 метри ќе биде една од највисоките во светот, во тој објект ќе работат голем број инженери во фазата на проектирање, на дизајнирање на проектот, а ќе има и други значајни влијанија како заштита од поплави, водоснабдување, земјоделство и повеќе“,вели тој.Андонов зборуваше и за тоа колку е значаен овој проект и кои се предизвиците со кои сме се соочувале и кои нè очекуваат во иднина.

„Првичниот бенефит е заштита од поплави, регулација на речното корито на Црна река, потоа сега заради климатските промени уште поизразена ќе биде потребата од вода. Генерални бенефити, тоа се приоритетните. Главните придобивки за Чебрен кога бил проектиран како голема ХЕ биле токму тие. Секако водата се користи за производство на електрична енергија и како таков еве повеќе од 50 години зборуваме за сериозни анализи, една од најголемите која е правена во текот на 75-та година е интегрален развој на реката Вардар, работена од САД-конзорциуми“,додава Андонов.

Тој потсети дека основен проект за изградба на ХЕЦ „Чебрен“ е направен во 1963 година, а идеен проект во 1965 година и интенцијата на сите влади досега, како што нагласи, била да се додели на странски партнер поради лесната достапност до финансии, комплексноста на проектот и стекнувањето на нови знаења.

„За изградба на ‘Чебрен‘ и ‘Галиште‘ се спроведени 13 неуспешни тендери, а од 1992 година се бара приватен странски инвеститор за нивна изградба. И на првиот објавен тендер во 2006 година се бара странски инвеститор за реализација. ЕСМ досега ниту еднаш не изработила студија за Чебрен туку се јавува како нарачател на студиите што ги изработуваат реномирани светски компании“,вели тој.

Според него, обврска на инвеститорот е целосно да ја финансира и реализира изградбата на ПАХЕ „Чебрен“ и „Орлов камен“, додека АД ЕСМ како партнер со задолжение од Владата ќе учествува со изградба на пристапен пат, изградба на приклучок на мрежа, експропријација на земјиште и студија за животна средина, како и вложувањето на ХЕЦ „Тиквеш“ во заедничката компанија, како концепт кој отсекогаш бил предвиден во сите анализи, за да биде дел од проектот и за да ја подобри исплатливоста но и поради вкупно оптимизирање на работењето на каскадата на Црна Река.

„Овој проект произлегува од долгогодишни анализи и студии кои пред се произлегуваат од развојот на сите наши реки во Македонија. Конкретно станува збор за интегралниот развој на реката Вардар бидејќи реката Црна е најголема притока на реката Вардар и таму некаде од 50-тите години се правеле сериозни анализи за идниот развој на земјава како дел од Југославија, за развој на земјоделство, за развој на целокупната економија и поради таквите причини се прави развој на ваквите објекти“,вели директорот на развој и инвестиции во АД ЕСМ.

Инаку, со одлука на Владата на 14 септември се овозможи реализација на реверзибилната хидроцентрала „Чебрен“ на Црна Река, со што треба да се стави крај на еден од најголемите енергетски проекти во земјава на кој се чека три децении.

Предвидено е „Чебрен“ да има функција на производство на електрична енергија, како и режим на пумпање и враќање на водата назад, со што на Црна Река е предвидено создавање на ново вештачко езеро, кое ќе биде најголемо во нашата држава.Според информациите од владината прес-служба, проценетата вредност на инвестицијата е околу една милијарда евра со која е предвидена изградба на реверзибилна хидроцентрала „Чебрен“, со инсталиран капацитет од најмалку 333 мегавати. Градежните работи ќе почнат откако ќе се заврши со проектирањето и обезбедувањето на потребните документи, а предвидено е таа да се изгради за седум години, по што би почнало производството на струја.

„Владата на 185. седница донесе Одлука за избор на најповолна понуда за доделување концесија за користење вода за производство на електрична енергија со изградба на хидроелектрични централи на Црна Река која се доделува на понудувачот ‘Публик пауер корпорејшн С.А и Архиродон груп Н.В.’ од Грција (PUBLIC POWER CORPORATION S.A. – Greece & ARCHIRODON GROUP N.V. – Greece), односно ‘ППЦ-Архиродон’, а во согласност со тендерската документација и договорот за концесија кој беше дел на тендерската документација“,стоеше во соопштението од владината прес-служба.

За изградбата на хидроцентралата „Чебрен“ пред неколку дена лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски рече дека Владата неколкупати ги менувала одлуките, со што создала сложена ситуација и потенцијално голем проблем во иднина.

Според него, целиот процес изобилува со многу пропусти, поставен е на лоша основа и е воден погрешно поради што понатаму ќе има сè повеќе пропусти.
Од СДСМ ги отфрлија како невистинити тврдењата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и доставија и докази и документи во кои, како што велат, се гледаат невистините.
„Не е точно дека е избришан член во Одлуката за започнување на постапка за доделување концесија. Вистината е дека во членот 5 од Одлуката за изменување, избришан е само ставот 3, каде што се доделува ‘Тиквеш’ три месеци по добивање на одобрението. Но, останува ставот 2 како правен основ. Оттука, она што го говори Мицкоски веднаш паѓа во вода“,се вели во реакција од СДСМ.