Спасов: Заев ќе остане запаметен по тоа што успеа да сруши три мита

0
8548

-Јас напишав во мојата книга „Политичкиот предизвик на социјалдемократијата „ дека што и да се случува, Заев ќе остане запаметен во политичката историја на Македонија по тоа што успеа да сруши три мита, вели професорот Ѓорѓи Спасов, кој е и еден од основачите на СДСМ во интервју за НОВА ТВ.

-Првиот мит беше, митот за непобедливоста на авторитарен режим на избори, односно дека Груевски нема шанса некој да го победи на избори.

Вториот мит беше митот за вечноста на етничките партии во Македонија и невоизможноста од нивно трансформирање во граѓански мултиетнички партии.

И третиот мит беше митот за неможноста од решавање на деценискиот спор околу разликите за името со Грција, кој почиваше на уверувањето дека целта на Грција е Македонија да не постои како независна држава. – појаснува Спасов.

Професорот Спасов во интервјуто вели Заев се избори за местото лидер на партијата самостојно.

-Направи кадровски промени и донесе многу нови млади луѓе од внатрешноста со што го засили СДСМ таму кај што беше најслаб. Направи исчекор во претворање на партијата во граѓанска со вклучување Албанци во своето членство и на листите. Преку паролата „Нема правда- нема мир„ и говорењето за враќањето на средната класа направи обид да ја врати СДСМ на изворните принципи, примени целосно нова комуникациска стратегија преку социјалните мрежи, и покажа невидена храброст во политичката битка со објавување на прислушуваните разговори.Сето тоа му донесе можност на СДСМ да добие уште еден мандат и да не изгуби многу дури и со обезбедувањето двотертинско мнозинство за промена на Уставот. Медиумите добија поголема слобода и се вратија на екраните дебатите меѓу власта и опозицијата, вели Спасов.