МАРИЧИЌ : ЈАПОНСКАТА ДОНАЦИЈА ВО МЕДИЦИНСКА ОПРЕМА ЗНАЧИ ПОДОБРИ ЗДРАВСТВЕНИ УСЛУГИ ЗА НАШИТЕ ГРАЃАНИ

0
598

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, на денешното примопредавање на јапонската донација на медицинска опрема на Клиничкиот Центар „Мајка Тереза“, рече дека набавката на медицинска опрема во рамки на Јапонската грант програма за економски и социјален развој, е уште еден доказ за успешната и пријателска соработка помеѓу Северна Македонија и Јапонија.

Набавената медицинска опрема за клиниките од Мајка Тереза и за Градска болница 8 Септември, во износ од околу 813.000 евра, носи директна корист за нашата земја и нејзините граѓани, како помош за зајакнување на здравствениот систем во нашата земја и унапредување на здравствените услуги кон нашите граѓани, кажа вицепремиерот Маричиќ на прес-конференцијата.

Тој се заблагодари на Амбасадата на Јапонија и амбасадорот Савада Хиронори што во континуитет даваат значителен придонес кон унапредување на билатералните односи меѓу двете држави, но и кон растот на јапонските развојни средства распределени за поддршка на проекти во нашата држава.

– Јапонија е наш традиционален поддржувач, уште од самото осамостојување на Република Северна Македонија и секогаш е покрај нас во моментите кога ни е потребна помош, како што беше мигрантската криза кога ни обезбеди помош во износ од 4.7 милиони евра, поплавите во Скопје во 2017 кога донираше опрема, како и сега, во услови на пандемија, истакна Маричиќ.

Вицепремиерот ја потврди неговата заложба како Национален координатор за странската помош во Република Северна Македонија за продолжување на успешната и непосредна соработка со Амбасадата на Јапонија, со цел унапредување не само развојната соработка, туку и економската и културната соработка меѓу двете земји.