ПОЧНА НАЈОБЕМНАТА СТАТИСТИЧКА ОПЕРАЦИЈА, ПОПИС 2021, ГРАЃАНИТЕ ДЕНЕС ГИ ОТВОРИЈА ВРАТИТЕ ЗА ДРЖАВНИТЕ И ОВЛАСТЕНИ ПОПИШУВАЧИ

0
130

Податоците добиени од Пописот на население, домаќинства и станови во најкус можен рок ќе бидат обработени и ќе служат за креирање на развојни политика во државава.

Попладнево овластен попишувач го посети домот на Звонко Трајковски во скопската општина Ѓорче Петров. Трајковски во својот двор разговараше со попишувачот Ивановски и одговараше на прашањата во рамки на Пописот на население, домаќинства и станови 2021.

Неговите одговори уредно се бележеа електронски, што секако овозможува, кога пописот официјално ќе заврши на 30 септенмври годинава, податоците да се обработат, вкрстат и да се финализираат за да може државава да креира развојни политики во сите сфери врз база на статистичките податоци добиени од долгоочекуваниот, често одложуван и премногу потребен Попис на население.

Попишувачот Горан Ивановски по 10-минутниото попишување на домаќинството на Трајковски рече дека повторно ќе се врати во неговиот двор бидејќи домаќинот не му презентирал документи од другите членови на домаќинството и поради потребата лично да ги попише и нив.

Попишување домаќинство во Ѓорче Петров/ Фото: Слободен печат/ Ристе Пејовски

Тоа ќе биде обврска на секој од 5.000-те ангажирани реонски попишувачи за извршување на најобемната статистичка операција, да се вратат во секој дом да ги земат сите податоци од членовите бидејќи евидентно е дека, согласно семејната традиција во државава, под ист покрив живеат неколку семејства кои се попишуваат како одделни домаќинства.

Тоа претходно го потенцираше и директорот на Заводот за статистика Апостол Симовски кој излезе исто така на терен со попишувачите и реонските инструктори во Општината Ѓорче Петров лично да се увери во текот на пописот.

-Ние настојуваме да ги добиеме податоците лично од сите полнолетни членови на домаќинството, Само за деца податоци може да даваат родители или старатели. Меѓутоа, попишувачот ќе дојде онолку пати колку што треба да ги прибере сите информации од сите членови.

Додека траеше пописот во дворот на Трајковски, соседите од куќата веднаш до него нестрпливо го очекуваа младиот попишувач. Очекувањата се дека, има интерес кај граѓаните да се попишат, постарите веќе и не го паметат последниот попис пред 20 години, а помладите воопшто немаат претстава како изгледа овој статистички процес, од витално значење за развојот на секоја држава кој на редовна база треба да се спроведува на секои 10 години.

-Убаво помина пописот. Ги одговорив прашањата што ми беа поставени, секој треба да учествува во пописот за да излезе како што треба, вели Трајковски по попишувањето на неговото домаќинство.

Натамошни проблеми во вршењето на својата работа не очекува ниту попишувачот Ивановски, зошто според инструкциите од Државниот завод за статистика, безбедноста и на попишувачите и на попишаните се гарантира со почитувањето на мерките – носење маска и држење дистанца додека трае прибирањето на податоците.

И директорот на ДЗС, Апостол Симовски нагласи дека најголем дел од попишувачите веќе се вакцинирани, и доколку граѓани како прво прашање на својот попишувач му го постават за вакцинирањето, во тој случај, доколку им се „погоди“ невакциниран, тој може да се замени со друг, се во интересе пописниот процес да продолжи без проблеми и несогласувања, и да се спречи бојкот од овие причини.

-Мал дел од попишувачите не се вакцинирани, не можеме да ги условуваме да го направат тоа. Во неколку наврати организиравме и вакцинација на попишувачите, кој сакаше, го направи тоа. Ако граѓанин побара вакциниран попишувач ќе добие таков. Според протоколите на пописот, повторувам, нема можност да се влијае за ширење на пандемијата, нагласи Симовски.

Тој додава дека пописот не им служи на политичките партии туку е неопходен за креирање на развојна политика во државата.

-Следните 10 години треба да се гради политика на развој  и затоа да заборавиме на сите несогласувањата, пописот и е потребен на која влада и да е. Сега пописот е постофистициран и ќе има употребна вредност сега, а не по 2 години колку што претходно траеше обработката, вели Симовски и се надева дека граѓаните ќе ги отворат вратите од домовите за да се заврши потребниот процес на попишување кој во Македонија се одложува веќе 20 години.

Во Пописот се вклучени 5.000 попишувачи, 500 реонски инструктори и 150 државни инструктори. На секој попишувач му се доделени 100 до 120 адреси, кои ако тој ги попише пред завршувањето на пописот на 30. септември, може да добие уште неколку, според потребите. Секој попишувач има службена легитимација и маичка со соодветни белези за пописот, и должен е да ги презентира пред граѓаните пред почетокот на процесот на попишување.