Поранешниот државен јавен обвинител Љупчо Шврговски му е адвокат на 40-годишниот Бобан С., осомничен за кражбата на 3 милиони евра од трезорот на НЛБ во Скопје.
Информацијата за „Мета“ ја потврди самиот Шврговски.
– Да, јас сум му адвокат – ни рече Шврговски, но не сакаше да коментира ништо во врска со случајот.
Бобан С., осомничениот за најголемата кражба во историјата на независна Македонија, трезорот на банката го испразнил од 6 до 10 април, соопшти МВР. Против него е поднесена кривична пријава за затајување и во моментов е на издржување на 30-те дена притвор што му ги одреди судот.
Овој случај од почетокот го следат низа контроверзии, а најголема мистерија е што се случило со украдените пари, кои и по речиси 10 дена сè уште не се пронајдени.
Шврговски за државен јавен обвинител беше избран во 2007 година и оваа функција ја извршуваше до 2013 година, кога на негово место беше именуван актуелниот јавен обвинител, Марко Зврлевски.