Писмо на Заев до амбасадорите: ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ работат против избори на 11 декември!

0
1006

Претеседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија Зоран Заев испрати писмо до амбасадорите гаранти на договорот од Пржино во кое предупреди на повеќе чекори на владејачката коалиција ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ што се во насока на уривање на изборниот процес и натамошно усложнување на политичкиот кризен амбиент во земјава.

Во писмото се истакнува, како што се вели, искрената посветеност на СДСМ за градење амбиент за слободни, фер и демократски избори во усогласениот датум 11 декември 2016 година, но и загриженост дека другата страна има поинакви намери и работи против изборите.

Како основа за ваквата загриженост  Заев во писмото укажал на следните две работи:

– натамошната политичка инструментализација на Уставниот суд и неговото неизјаснување за уставноста на Законот за СЈО, може да предизвика темелна деструкција на политичкиот процес и очекувањата за демократска разврска на постојните политички конфротации;

– натамошната политичка злоупотреба на судството, до ниво на целосна суспензија на владеењето на правото и правната држава, во голема мера ќе го детерминира политичкиот амбиент во пресрет на декемвриските избори и правото на граганите да бидат дел од изборниот процес;

Исто така, наведено е однесувањето на неодговорното политичко мнозинство кое во пресрет на одлуката за распуштањето на Собранието на РМ на 12 октомври 2016 година – агресивно  го наметнува предлогот за усвојување на Буџетот на државата за 2017 година уште сега, кон крајот на септември 2016 година.

Тоа не само што е единствен случај во 25 годишната  парламентарна практика, туку преставува и потврда за една неодговорна политика и непочитување на виталните интереси на државата и нејзините граѓани, стои во писмото.

„Остануваме со убедување, дека е неопходно да продолжи позитивниот процес на градење доверба за одговорно политичко ангажирање во пресрет на вонредните парламентарни избори на 11 декември 2016 година – како неопходен исчекор кон надминување на постојната политичка криза и градење на демократски амбиент во држвата“, се вели меѓу другото во писмото на Заев до амбасадорите.

СДСМ и политичките партии од опозицијата, како и во изминатиот период, така и денес, во преден план ги задржува токму ваквите интереси на граѓаните и државата, велат од партијата.