НАЈМОЌНАТА ЖЕНА ВО СВЕТОТ СЕ БОРИ ЗА НАС : ЌЕ ГИ СВЕДЕМЕ ПОСЛЕДИЦИТЕ НА НАЈНИСКО НИВО, МУ РЕКЛА МЕРКЕЛ НА ЗАЕВ

0
3063

На прашањето на новинарите дали стравува од скршнување на Македонија и Албанија од европскиот пат и дали навистина Франција беше толку изолирана на самитот, Меркел рече дека „не е тајна оти три земји имаат задршки: Франција, Данска и Холандија“. (Фото: ЕУ)

Ангела Меркел жали што не постигнато единство околу датумот за преговори со Северна Македонија и Албанија на самитот на ЕУ.  На прес-конференцијата по завршувањето на самитот, таа рече дека разговарала со премиерот Зоран Заев и му рекла дека сакаат да се навратат на темата и дека ќе сторат се да ги сведат на најниско ниво последиците од европското неединство за датумот.

„Позицијата на СР Германија беше дека може да се дојде до отворање преговори под определени услови. Меѓутоа, ваквиот став не можеше да добие согласност од сите и поради тоа жалам многу. Дискусијата беше многу обемна и уште еднаш ја нагласи важноста на овие земји од геостратешки, но и од европски аспект.

На оваа тема ќе мора и натаму да работиме. Се договоривме пред самитот за Балканот во време на хрватското претседателство, значи пред самитот за Балканот во Загреб, уште еднаш да се навратиме на оваа тема. Но, разликите во мислења сѐ уште не се надминати“, рече Меркел.

На прашањето на новинарите дали стравува од скршнување на Македонија и Албанија од европскиот пат и дали навистина Франција беше толку изолирана на самитот, германската канцеларка одговараше долго. Таа рече дека „не е тајна оти три земји имаат задршки: Франција, Данска и Холандија“ и додаде:

„Прашањето за кое и ние дискутиравме е какви последици ќе има тоа. Ќе се обидеме преку блиски контакти со овие земји да ги сведеме последиците на најниско можно ниво. Но, ќе има, се разбира, разочарување. Денеска разговарав со Зоран Заев во Северна Македонија. Сакаме да се навратиме на темата.

На една страна е желбата, француската желба која нагласено ја поддржувам, да ги направиме потранспарентни процедурите за приклучување, и да ставиме јасно до знаење дека отворањето преговори за приклучување не се сигурниот успешен крај, туку дека може да има и реверзибилност, за што исто така се залагам и тоа ќе го правиме во наредните месеци. Потоа, има различни проценки и за работите кои уште треба да се направат.

Сите се на мислење дека уште нешто треба да се заврши, но некои, како на пример Германија, велат дека сепак досега е доволно направено за да се влезе во процесот на приклучување. Други велат дека не е доволно сторено. Во однос на Северна Македонија ситуацијата е таква што таму се направи значително многу во однос на прашањето за името и во однос на деблокадата кога зборуваме за членството во НАТО, и затоа по тоа прашање се заложивме многу“.