Успешните реформи ќе ги стопат шансите за реизбор на Груевски

0
877

Во текстот со наслов „Намуртени мачки ја заоструваат кризата во Скопје“, весникот „Ноје цирхер цајтунг“, меѓу другото, наведува:

„Посредникот на ЕУ во Македонија, Питер Ванхауте, во моментов гледа какви политички последици може да имаат твитовите со мачки. Владејачката партија, имено, му откажа соработка на Белгиецот, затоа што се чувствува навредена од неговите искажувања на Твитер. ‘Мачките’ на Ванхауте навистина ги оценуваат критички политичарите од балканската земја. Твитот со кој најверојатно почна револтот прикажува намуртено маче на сликата под која стои: ‘Демократијата бара компромис, бара разумни луѓе, бара здрав разум, бара компетентни политичари, бара да се биде во служба на народот’. Несмасните куси вести на Ванхауте, меѓутоа, само ја изразуваат фрустрацијата на западниот посредник поради недоволниот напредок во решавањето на македонската криза“.

Наведувајќи што се случуваше во последните месеци на македонската политичка сцена, весникот оценува дека „не зачудува противењето на партијата на Никола Груевски на барањето за одлагање на изборите“:

„Успешни реформи само би го намалиле нејзиното (на владејачката партија, н.з.) влијание врз државата и јавноста и би ги стопиле шансите за реизбор на Груевски. Преговорите за омекнување на силната владина контрола врз медиумите пропаднаа, меѓу другото и поради недоволната подготвеност за компромис. Подготвеноста на Груевски да попушти е веројатно уште помала отколку што беше во текот на летото. Тогаш беше главно изолиран, а денес Македонија стана централен партнер на ЕУ во бегалската криза… Затоа, Груевски веројатно стреми кон коцкање со западните партнери, во надеж дека тие на крајот, поради реалполитички причини, ќе бидат подготвени на компромис, и покрај недоволниот напредок во демократизацијата. Изјавата на ЕУ и САД меѓутоа, иако не е правно обврзувачка за владата, го става во дилема. Владејачката партија може да спроведе избори во април само со ризик тие да не бидат меѓународно признати. Одлагање на изборите, меѓутоа, би значело губење на лицето. Дали и како во вакви услови би продолжило меѓународното посредување е нејасно. Посредникот на ЕУ Ванхауте затоа на едно друго маче му го стави овој текст в уста: ‘Ситуацијата е безнадежна, но не е сериозна“.

извор: Дојче веле