Тортевски: Подносителите на кривичните до СЈО да бидат свесни дека и лажно пријавување е кривично дело

0
1011

Бомбардирањето на СЈО со кривични пријави треба да обезбеди компромитација на оваа институција, со цел, доколку има обвиненија пред изборите, тие да имаат што помал негативен ефект врз гласачкото тело на власта, и уште посилно да го мобилизираат членството во одбрана на партијата од „незаконското работење на СЈО“. Генерално, ваква е оценката во правосудни кругови, по последните дванаесет нови кривични пријави што ги „заработи“ Специјалното обвинителство, сите поднесени во ист ден и на иста основа – „малтретирање при вршење на службата“. Со тоа бројката на кривични пријави против СЈО достигна до 19, пишува Дојче веле.

Според адвокатот Александар Тортевски, нема дилема оти сите пријави се прават во ист центар.

„Очигледна е намерата преку оркестриран притисок да се амортизира работатата на Специјалното обвинителство. Но, оние кои тоа го прават, треба да бидат свесни дека ова е ‘меч со две острици’. Подносителот на пријавата треба да знае дека ако нема основа за пријавата, врши кривично дело ‘лажно пријавување’. Инаку, сигурно е дека прашањата на обвинителите нема да им предизвикаат пријатни чувства на потенцијалните обвинети или на сведоците. Притоа мора да се знае дека кај лица кои имаат, условно речено, помалку општествено опасни кривични дела, предочувањето на фактот дека нема да бидат обвинети ако бидат соработници на правдата, не е никаква изнуда или малтретирање. Таа можност е предвидена со законот. Ако обвинителите ја соопштуваат таа можност, тие не малтретираат некого, туку вршат со закон дозволени овластувања. Тоа не е противправно дејство. Тоа е исто како да обвините хирург за телесна повреда, затоа што при реализацијата на договорена операцијата употребил скалпел и ви направил рез“, компарира Тортевски.