КОНЦЕПТ НА КРИТИЧКО МИСЛЕЊЕ И ПИШУВАЊЕ (ФОРМАТИРАЊЕ КРИТИЧКА КУЛТУРА)

0
1572

Во поставување на платформата и значењето на критичкото мислење потребни ни се две алатки:

содржинска или вредносна(во приватна и јавна смисла) и методолошка.

Првата е серија вредности кои секој ги восприема преку образованието, меѓу кои индивидуализмот и слободата се примарни. Тие се платформата од која критички судиш. Со нив следат комплексот човекови права и потребата од правда.

frckoski-540x360

Социјалното окружување, способноста за општество ја позајмуваме од Ричард Рорти: тоа е способноста за чувствување на болка, страдање кај другиот. А потоа акцијата, страдањето и условите кои го создаваат да ги отстраниме или сведеме на минимум. Таа е миминималната потребна нитка за солидарност во заедница и основа на борбата за човекови права, правда и демократија.

Без овие платформи критичкото мислење како реторика е празна форма, цинизам и интелектуално пренемагање кое ги потврдува и функционира по вредностите на репресијата и статус-квото.

Во методолошка смисла потребно ни е да го земеме предвид процесирањето на ДИЈАЛОГОТ, кој ја заменува дебатата и другите натпреварувачки реторички техники како алатка за комуникација со другиот во создавање на мрежното поврзување и креирање наратив на формативна критичка култура.

Кога го споменуваме дијалогот, сметаме на динамиката на размена на аргументи во комуникацијата во која постои добра волја на создавање на т.н. момент на тишина после секоја рунда на разменети аргументи и противаргументи. Момент во кој секоја од страните се обидува да ги ресетира своите аргументи во светло на презентираните други. Да разбере зошто е таква позицијата на другиот, кои се неговите стравови и точки на недоверба, кои се неговите интереси, да го открие неговиот мнк (максимално ниво на компромис, т.н црвени линии) и сл. Правејки го овој напор кон разбирање на другиот се отвора можност за развој (промена) на сопствената позиција и приближување до заеднички исход. Со рунди на таква размена на позиции и моменти на тишина посветени во разбирање на туѓите и ресетирање на своите аргументи комуникацијата има шанси за исход кој задоволува.

Оваа методолошка техника е апсолутно нужна кога зборуваме за форматирање на критичкото мислење во фронт на критички наратив за промена.

2. Зошто ни е потребно критичкото мислење ?

Со алатката на критичкото мислење од позиција на споменатите платформи – се обидуваме да ги разгрнеме пластовите на моќ и да го соголоиме- соочиме (Џејмс Бoлдвин) системот на репресија и идеологија на лага која ги сокрива власта-моќта- владеењето од нас и со нас. Нивната био-моќ и политика на инструментализација на човековото битие за нешто друго од него самото и неговата добродетел.

Таа и таква политика во акција ја нарекуваме еманципаторска (радикална) политика на ослободување.

За таа да успее да се востоличи како пракса потребни се уште две големи операции или категории. Едната е вмрежување со собеседниците, со содружниците, во создавање на наратив: критичка формативна култура (радикална имагинација во одбрана на јавното добро). За да се мисли и делува поинаку потребна е продукција на поинаква култура (Анри Жиро).

Втората категорија на критичкиот дискурс е одржување на НАДЕЖ дека промената е возможна и остварлива. Таа надеж треба да се спротивстави на неврозата на бестемелниот оптимизам, на компулзиванта зависност и потрагата по среќа и инстант задоволствата достапни веднаш (Тери Иглтон), која е идеологија на доминација на неолибералниот систем и неговите рестлови по провинциите и џебовите на светот.

На таквата невроза на контрола треба да и спротиставиме надеж соочена со очај. Со очајот на егзистенцијата (на онтолошко ниво) и оној на конкретните репресивни идеологии и нивната успешност (онтичко ниво). Очајот и безнадежноста која напливува понекогаш треба да се земат сериозно. Енергијата на Надеж (Џ. Агамбен ја нарекува ‘‘храброст на мислење соочено со безнадежноста, courage of hoplesness) треба во однос на нив, на тој хоризонт да се мери-соочи и одржи како емоција, како мета јазик на критичката мисла.

Прв проблем со кој ќе се соочиме е тапоста, рамнодушноста на голем дел од јавноста принудена секојдневно да се бори за егзистенција

(парализа на преживувањето).

Втор проблем е одбрамбениот механизам на јаловата и неспособна за борба цинична интелектуална фела. Имено нивното прифакање на статус квото низ и со очилата на лажното повлекување (циничен говор за вредностите и можноста за промена) од него кое продуцира говор кој Ричард Сенет го нарекува “spectre of uselessness“.

3. Во конкретната зона на социјалното окружување на критичката мисла, имено демократијата, потребно е да се заземат следните стојалишта:

Демократијата не е мртва, но е украдена од државата и од изборните игри на празната моќ на олигархиите. Таа е достојна за борба на повторно преземање;

Идеологијата не е мртва, но потребна ни е нова УТОПИЈА и нов јазик;

Авторитетот и лидерството е неминовно и есенцијално за создавање на волја за промена и дефинирање на целите.

Во расправите на еманципаторскиот фронт на актерите на критичката мисла ќе издвоиме две мислења кои не се нужно конфронтирани и се можно комплементарни, а се релевантни за организација на нашата борба и цели. Оние на Жак Рансие, Шантал Моф и Ернесто Лакло. Дополнително ќе нè интересира заострувањето на еден од аспектите на истиве кај Бадуи и Жижек.

Според Рансие (Jacques Ranciere) демократијата не е возможна како политички систем туку само како борба на субверзивно оспорување на системот на изборни игри и институционална моќ. И тоа борба конституирана однадвор како директно презентирање на интересите кон системот на институциите и државата. Од центрите на директна акција на цивилното општество, базирани врз принципот на еднаквост кон приватизираните институции на институционалната демократија. Демократијата, според него, е егалитарна акција на растурање, раскинување на хиерархиите на моќ, улоги и функции и таа со тоа ги отвора сферите на експанзија на социјалниот живот.

Слободната волја на празниот означувач „ние сме народот“ секогаш повторно се полни со различни актери (power of anybody) и енергија на оспорување што е срцето на демократијата. Таа не може да биде монополизирана ниту приватизирана. Не постои единствен извор на претставувањето и алтернативните претставувања на групите кои за себе велат дека „се народот“ е есенцијално важно за демократијата.

Од друга страна државата ја апсорбира, деформира и приватизира репрезентативноста, претставувањето на народната волја секогаш и неумитно.

(Оваа теза би имала консеквенци, на пример, за односот на македонскиот граѓански сектор кон опозицијата кога таа се приближува до власта и сл, а Ренсие е „татко“ на таа позиција).

За Лакло/Моф (Ernesto Laclau/ Shantal Moufet) тезата за организација на критичкиот фронт е малку поинаква. Имено, тие тврдат дека не може да постои директна презентност на актерите во политиката на било кое ниво (па ни надвор од институционалната политика) без игрите на претставување – репрезентативност (тезата во овој дел ја позајмуваат од Дерида и Делез: се е игра на ре-презентативност, не може да постои директна презентност). Демократијата е тоа исто, независно дали е институционална или се организира во цивилната сфера, таа функционира секогаш преку некоја претставеност на интересите и ставовите на групите, на некое ниво, централизирано или мрежно, но секогаш преку ист принцип се организира. Радикална директна презентација на чистата волја не постои. Народната волја (на која Рансие мисли) не може да се формира во чиста форма, некаде надвор од политичкото и да се внесе „внатре“ во демократијата. Таа се формира по принципот на претставување и надвор и внатре во институциите, имено тој процес е дуален и внатре и надвор од институциите.

Од таму политиката и државата со својата институционална репрезентативност се дел од демократијата, сакале ние или не !

Во таков случај прашањето се сведува на тоа каква е таа репрезентативност, колку е транспарентна, отворена подложна на контрола и промена. Дали таа потенцијална и можна критичка репрезентативност, претставувањето на политиката на еманципацијата и ослободувањето, може оперативно да се соочи со политиката на суверената моќ (која е секогаш и биополитика, според Џорџо Агамбен) и со какви шанси?

Бадју (Badiou), и Жижек на негова линија, ја радикализира таа улога на елитата во претставувањето на ставовите на групата со психоаналитичкиот поим на „Господарот“. Имено, дека само со негова појава и воспоставување во позиција на големиот-друг, лидерот кој означува – групата дознава што всушност сака и како сака тоа да го постигне. Улогата на Авторитетот и лидерството, овој автор го прави конститутивен за секоја политичка акција.

Ова пак, меѓу другото, има поинакви консеквенци во организација на еманципаторската политика, и граѓанскиот сектор во Македонија. Имено ја релаксира сцената на борби околу „наметнатите лидери“, измислените лидери, директните акции, постојаното „фракционерство“ и сл. Сето тоа го прави нормално во динамиката на создавањето наратив на отпор и пригодните коалиции. Ја поставува понормално релацијата со партиите и ги појаснува улогите на лидерството.

Пишува : Љубомир Д. Фрчкоски

(Прв дел од предавањето на проф. Фрчкоски во рамки на проектот„Поттикнување култура за критичко мислење, пишување и дебатирање“ во организација на Здружение на граѓани „Контрапункт“ – Скопје и Здружение на граѓани Есперанца – Светски културен центар)