Ау, Милееее!

0
1235

Мил и никогаш непрежален Миле. Твоиве галиба те пуштија низ вода. Те гледам седнат во судот, во ниедно време, кога чесниот народ мирно спие и сонува наследство од американски вујко, како чекаш прием за распит по обвинението што го доби и си велам: Има голема симболика во тоа што седиш сам во полутемната чекална на судот во глуво доба. Сам во четири ѕида со спуштена глава меѓу колена, божем рчкаш по тоа мобилниот, а бела мачка не ти се гледа. Знаеше дека те сликаат камери од надвор и проба да останеш прибран. За некое време ќе биде исто. Пак ќе бидеш сам во четири ѕида во полутемна соба, седнат со главата спуштена меѓу колена… Искрено ти посакувам колената да бидат твои. Само нема да има камери и ќе нема потреба да глумиш прибран. Солзи ќе рониш Миле. Треба да се навикнеш на тоа.

Што да ти правам ко не си го читал Шекспир. Да си го читал, ко што го читал твојот шеф Грујо како вљубеник во театарот, ќе знаеше дека во големите трагедии на Шекспир, таквите како тебе „девојки за сѐ“ кои ги вложиле сите свои капацитети за благосостојбата на нивниот господар на тронот, први ја губат главата штом тронот почне да се ниша со господарот им. Грујо преку драмите на Шекспир ја знае технологијата за спасување на сопствениот задник во политиката, такашто подметнува туѓ задник наместо својот. И тоа е најчесто задникот на најверните поданици и слуги. Е сега тука има една квака. Ниту Ричард Трети, ниту Макбет, ниту Тит Андроник успеале да се извлечат, па нема ни Грујо, ама за тоа во друга прилика.

Како некој што го читал Шекспир, да се пофалам, одамна ми беше некако најлогично први да надрапате вие двајца. Ти Миле и другарка ти Гордана. Мислам, уште не сте надрапале, да не вршам сега притисок врз судот и да газам на вашата претпоставена невиност пред да се докаже спротивното, ама ми мириса на надрапување. Кај Фатиме, нема пушти ме. Жената не остава впечаток на француска пудлица, туку на некој кучешки хибрид избран за борби. Бич бе Миле, бич! И Ленче не е ништо подобра. Бичој како нив, таквите као тебе и другарка ти Гордана ги јадат за доручек. Мотивирани се, од авион се гледа. Сигурно нема да излезат на процесот против тебе и Гордана со рекла-казала. Изгледа поседуваат цврсти докази, за кои ниту еден судија, ако има малку мозок, не би замижал, па ако сака нека е од глава до петици ваш.

Прпа, а? Се виде по тебе, а богами се виде и по Гордана. Десет саати даваше исказ во судот и кога излезе во ликот беше побела од онаа девојката на Ди Каприо во Титаник кога по бродоломот лежеше омалаксана на парче дрво во студената вода и чекаше да ја земе белата смрт. Во судница, десет саата со судија рецепти за пити да менуваш не е лесно, а камо ли да бидеш испрашуван за криминалите што си ги правел.

Туку, што ми беше зборот. Миле, срцка си, ова што сега ќе ти го кажам, пренеси го на Горде. Манете ја таа ќорава работа и понатаму да го штитите Грујо ѕверките околу него, оти ко ќе останете сами во оние четири ѕида со главата меѓу колена, Грујо нема ни кило банани да ви испрати по некого, а не па самиот да ве посети. Ова по претпоставка дека успеал да се договори со фиљан луѓе да не го прават ваш цимер. Ама како и да е, вие први ќе одите таму. Зошто и понатаму би биле лојални на некој што веќе ве пуштил низ вода? Не сте толку мазохисти, мајката!

Рудолф Џулијани немаше никогаш да ја сплете мрежата околу петте мафијашки фамилии во Њујорк и да ги прати зад решетки, да не наиде на разочарани мафијаши од високите ешалони во фамилиите на кои им дојде преку глава да одработуваат за туѓи бели дворови и почнаа да ги откриваат валканиците на своите босови за да си ја спасат кожата. Право за право, они немаше толку да се разочараат во своите босови, ако Џулијани претходно не ги фати со рацете во медот и тоа замислете, преку аудио-снимки, направени во стожер на една од фамилиите. И судот, за чудото да биде поголемо, снимените материјали ги зеде во предвид како посредни докази во истрагата. Ау, Милееее, ко почнаа да пеат! Оти во спротивно, знаеја што ги чека. Прдекаана до крајот на животот.

Така и ти Миле, заедно со другарка ти Гордана, можете да ја спасите кожата, зашто имате шанса за спогодба како у американската судска пракса. Знам дека ви се закануваат со смрт ако го направите тоа, ама на живот поминат во затвор, велат, тури му пепел. Еве на пример, тие кои му ги открија на Џулијани неделата на своите шефови уште се живи и здрави, јес имаат тајни идентитети, ама се слободни. Затоа пак нивните босови изумреа на доживотна робија. Миле, спогодбата е одлична цена да ги отплатиш своите гревови кон нашите граѓани и не треба да се плашиш. Ефтино ќе поминеш. После никој нема да те знае. Ќе заминеш во Белизе или Шанзелизе. Со малку пари ќе ти направат фаца као Бред Пит, па Анџелина може по грешка ќе ти се закачи, додека оригиналот снима филм во некоја волкоебина.

Види ти, разговарај и со Гордана во четири очи и не му ја мислете, кој прв бие тој ќе добие! Оти оние кои ги штитите, се подготвени и родените деца да си ги жртвуваат за да се спасат. Знам, тоа веќе го имате намирисано и затоа сте бели во лицата ко паднати во хипотермија. Готово е Миле, треба да си тотално слеп да не го видиш тоа. И не подлегнувај на тоа дека е долга раката на ВМРО и такви ванчомихајловистички будалаштини, со кои твоиве се закануваат секому последниве денови. Видовме кај е нивната долга рака. Во нашите џебови. Олесни си ја душата, спогоди се. Имаш и кај кого. Јас, на пример, со Ленче и Фатиме за све би се спогодил. Нека ме врзат со лисици за радијатор, нека ме мачат, сѐ ќе признаам! Човече, некој би платил милион долари да помине со нив насамо пет минути, а ти имаш историска шанса да минеш во нивно друштво неколку саати. Кој ти ги дава, бе Миле! Затоа, не се плаши не се бој… Биди маж, зашто и ти си Македонија!

Пишува : Сашо Тасевски