Трамп за хемискиот напад во Сирија: „Имаме многу воени опции“

0
140

Американскиот претседател, Доналд Трамп, се сретна со воените команданти за можен воен одговор за наводниот хемиски напад во Сирија. Трамп се закани со насилство по наводниот хемиски напад.

„Не смееме да дозволиме злосторства какви што видовме, не смееме да дозволиме тоа да се случува во нашиот свет, особено поради моќта што ја имаат САД. Ние можеме да го спречиме тоа“, порача Трамп.

Според американскиот претседател, многу е јасно кој е одговорен за нападот.

„Имаме многу воени опции и многу брзо ќе ве известиме за тоа“, им рече Трамп на новинарите.

Претходно, американскиот претставник во ОН, Ники Хејли, порача дека Вашингтон е подготвен да дејствува и без дозвола од Обединетите нации.

Рускиот центар за помирување за Сирија соопшти дека руските и сириските воени трупи вчера го истражиле регионот на градот Дума, при што не нашле никакви траги од хемиски агенси, ниту пациенти во локалната болница со знаци од хемиско труење.

„Сите овие факти покажуваат дека никакво хемиско оружје не било употребено во градот Дума, како што беше тврдено од групата ‘Бели шлемови’, соопшти рускиот центар за помирување за Сирија мислејќи на контроверзната група која меѓу првите објавила за наводниот хемиски напад.

Според рускиот центар за помирување, објавувањето фотографии од наводниот хемиски напад во Дума е уште едно парче лажни вести.