ЦРНИ ЌУМУР ДЕНОВИ ЗА ЕДЕН ОД ГРАДЕЖНИТЕ ГИГАНТИ КОЈ СЕ ПОВЕЌЕ И ПОВЕЌЕ ТОНЕ ВО ЗАГУБА ОД 4 МИЛИОНИ ЕВРА – ИЗВРШИТЕЛИ ГИ ЗАПЛЕНИЛЕ ПОДРУЖНИЦИТЕ НА ,,БЕТОН”

0
974

Градежниот гигант „Бетон“ заглавува се повеќе во своето работење, а изминатите денови извршител издал налог за заплена на уделите што ги има оваа компанија во подружниците за градежни суровини – Бетон-Про, Бетон Агрегати и Бетон Каменолом.

Со налог на извршителката Весна Деловска се врши заплена на стоотстотниот удел што го поседува „Бетон“ во трите свои подружници заради наплата на побарување. Не е познато за кого се запленуваат трите придружни друштва, но извесен период компанијата работи со долгови и не може да обезбеди ликвидност во своето работење.

„Со прибележување на налогот за заплена на уделот, доверителот се стекнува со заложно право на уделот“, гласат трите промени во „Бетон“ кои се евидентирани во Централен регистар.

„Бетон“ откако прикажа загуба од безмалку 4 милиони евра по првата половина на 2022, месецов во образложението за Македонска берза, меѓудругото, ваквиот голем минус го оправда и со раскинатите договори со Народна банка и ЈП Државни патишта.

Во текот на летово Народната банка одлучи да го раскине договорот со градежната компанија „Бетон“ за изградба на новиот објект на централната банка. Договорот е склучен уште во 2016 година, а објектот се уште не е готов. Од Народната банка не открија многу детали зошто дошло до таков чекор дури сега.

Летово и јавното претпријатие „Државни патишта“ потврди дека е раскинат договорот со „Бетон“ како главен изведувач на реконструкцијата на делницата Петровец – Катланово на автопатот „Пријателство“ на потегот Скопје – Велес. Станува збор за рехабилитација и проширување на 10 километри во вредност од 7,2 милиони евра, но и ЈПДП не сакаше да ги открие причините.

Од „Бетон“ додаваат дека во меѓувреме бележи пораст и цената на градежните материјали, а исто така за повторно да биде ликвидна, компанијата чека од Владата да се надминат административни пречки по изградбата на автопатот Миладиновци – Штип за да се ослободи простор за гаранција од 16 милиони евра.

Слична загуба од 3,86 милиони евра „Бетон“ прикажа и во првата половина од 2021, а како главна причина за тоа беше наведено неможноста за корекции на цените во постигнатите договори за проектите.

Лани „Бетон“ побарувањето за изградбата на црквата Свети Цар Константин и Елена која  ја градеше во центарот на град Скопје го отстапи на Ре-медика, а во меѓувреме ја понуди на продажба и управната зграда.

Извор : Фактор.МК