Пред да биде постигнато решението за целосно нов закон, ‘lex specialis’, за специјалниот обвинител и изборот на личноста, според извори на Либертас од преговарачките тимови, претходела тричасовна жолчна полемика помеѓу Никола Груевски и Зоран Заев.
Груевски не се согласувал околу ингеренциите и должината на мандатот на специјалниот обвинител како што било предвидено во законот понуден од ЕУ и САД во координација со ОБСЕ.
За да ја скрати расправата, како што дознаваме, Ванхоуте во раните утрински часови, на сите им пренел дека еврокомесарот Јоханес Хан му се јавил и дека е револтиран, а американскиот амбасадор Џес Бејли се јавил во Вашингтон за да сигнализира дека одлуката околу законот го кочи конечниот договор.
По ваквите јасни пораки, според нашите извори, Груевски се решил да прифати и целосно нов закон за обвинителот кој сам ќе избере колку и кои обвинители ќе му помагаат во истрагата и кој му гарантира целосна автономност.
CV-то на овинителката Катица Јанева било беспрекорно, обука во Италија и САД а била и на обуки за корупција и преку програма на ОБСЕ.
Откако Груевски конечно се согласил да има посебен закон, името не било толку спорно, за името на обвинителката како предлог на странците.