Венецијанската комисија негативно го оцени Законот на унгарската Влада со кој се воведува посебен данок од 25 отсто за сите невладини организации кои се занимаваат со имиграциони полтики. На оваа седница на Венецијанската комисија во која Македонија ја застапува професорката Тања Каракамишева, сите членови на Комисијата го поддржале негативното мислење за овој Закон, со исклучок на Каракамишева која не го дала својот глас за ова негативно мислење на правните експерти.
Венецијанската комисија во своето мислење нагласува дека данокот што го воведува унгарската Влада е исклучително контроверзен затоа што го попречува правото на слободно изразување и правото на здружување.
Венецијанската комисија се занимава со уставни, изборни прашања, како и со прашања кои се однесуваат на функционирањето на демократските избори и дава правни совети за прилагодувањето на домашната легислатива со европската.
Членовите на Венециската комисија, советодавно тело на Советот на Европа, се избираат на предлог на министертвата за правда од редот на професорите по уставно и меѓународно право, парламентарци и државни службеници. Мандатот на членовите е четири години, со неограничено право за продолжување на мандатите
Каракамишева стана член на Венецијанската комисија на почетокот на 2016 година.