Прилепчани протестираат втор ден граѓаните против одлуката на Претседателот на државата Ѓорѓе Иванов за аболиција на лицата против кои Специјалното јавно обвинителство има покренато обвиненија, односно води истрага.
Од граѓанското здружение „Протестирам“ ги прочитаа своите барања кои се однесуваат на неотповикливата оставка на претседателот Иванов, формирање специјално одделение на Кривичниот суд кое ќе биде надлежно за случаите кои се под јурисдикција на СЈО, итно повлекување на одлуката за одржување на парламентарни избори на 5-ти јуни, вклучување на независни претставници на граѓанското општество во процесот на решавање на кризата, процесот да се одвива на територијата на РМ, како и формирање преодна влада која до крај ќе ги имплементира итните реформски приоритети од Извештајот на Прибе.
Протестот заврши пред зградата на Општина Прилеп со симболично рокање јајца во зградата на општина Прилеп, а за утре организаторите закажаа нов собир со почеток во 18 часот.