БЕКТЕШИ ОД ПОНЕДЕЛНИК ОЧЕКУВА НАМАЛУВАЊЕ НА ЦЕНИТЕ ЗА ГОРИВАТА

0
586

Денеска во Собранието најверојатно ќе се усвои законот за ДДВ и законот за акцизи, а имајќи ги предвид и вчерашните цени на берзата и цената од пред два дена, согласно анализите очекувам од утре, но секако веќе од понеделник, да имаме поевтини цени, не во однос на регионот, но значително пониски цени, рече министерот за економија Крешник Бектеши.

Во врска со амандманите поднесени од ВМРО-ДПМНЕ, министерот нагласи дека секој предлог би требало да се разгледува, но и дека треба да се образложи зошто нешто се предлага, какви би биле фискалните импликации и како тоа би можело да влијае.

Тој ѝ порача на опозициската партија дека сега не е време за политикантство и натпревар.

„Сега ние нема да направиме натпревар кој ќе излезе на телевизија и ќе каже колку треба да биде намалувањето. Еве на пример, тие кажале 50 отсто па сега да излезат ли претставници на владејачкото мнозинство и да кажат за 100 отсто? Ова не е време за натпреварување, не е време за политикантство, туку е е време за носење одржливи одлуки кои ќе бидат во интерес на потрошувачите, во интерес на граѓаните, со цел да влијаеме врз намалување на цените“, рече Бектеши.

Според него, прво и основно е да се каже дека кога се откажуваме од акцизите и од ДДВ, не се откажуваме од Буџетот на државата.

„Тој буџет е буџет на граѓаните и тие пари кои треба да бидат во приходната страна на Буџетот кои се на граѓаните ние ги носиме кај граѓаните за да нема ценовни шокови за нив“, рече министерот за економија.