(ВИДЕО) Филипче: Епидемијата го достигна пикот пред една недела, од тогаш бројките се стабилизирани

0
936

Министерот за здравство д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција информираше за состојбата со ковид кризата.

Тој потенцираше дека до 22 ноември глобално се регистрирани над 57.8 милиони случаи и 1.3 милиони смртни случаи од почеток на пандемијата.

„Според извештајот на СЗО за период 16-22 ноември: глобално бројот на нови случаи се успорува но останува на околу 4 милиони нови случаи неделно, но сепак смртноста продолжува да расте со над 67.000 нови смртни случаи. Европа бележи тренд на намалување во бројот на нови случаи неделно, сепак останува со најголем број на нови и смртни случаи во овие седум дена. Бројот на смртни случаи исто така расте на глобално ниво за 11% со речиси 60.000 нови смртни случаи за една недела, од кои 81% се во регионите на Европа и Америка. Бројот на смртни случаи во Европа оваа недела значително е зголемен со над 29.000 “, изјави министерот Филипче.

Во однос на регионот, забележително е дека во земјите во регионот бројот на нови случаи останува на високо ниво, многу благо се намалува, а и бројот на смртни случаи останува висок на дневно ниво.

„Сите земји се соочуваат со истиот предизвик, а тоа е практично менаџирањето на болничките капацитети, недостаток на болнички кревети и медицински персонал.  Неколку дена по ред во Србија се бележат рекордни бројки. Вчера нови 7.606 случаи, починале 51 пациенти. Хрватска 4.009 новодијагностицирани случаи, починале 51 пациент. Во Словенија, којашто е слична со нас по број на жители, во минатите 24 часа се има потврдени 1.767 нови случаи. Во истиот период од последиците на вирусот починале 46 пациенти. И бројот на хоспитализации е сличен како кај нас, некаде околу 1302 пациенти кои се хоспитализирани, некаде 215 во одделенијата за интензивна нега. Бугарскиот здравствен систем е практично совладан од наглиот пораст на бројот на пациенти поради недостиг на медицински персонал, зголемен број на инфекции помеѓу лекарите и медицинските сестри. Таму има 4.300 нови инфекции и повеќе од 6.000 луѓе во болниците“, рече Филипче.