„Одам и молам за помош, но мене никој не ми помага“
Солзи и плач до небо се единствената реалност што штипјанката Марина Насев ја живее веќе четврти месец. Од одговорна и совесна работничка и потстанар, таа преку ноќ станала бездомник, пренесува ТВ Стар.
„Ме избркаа од работа и поради тоа морав да се откажам од домот, бидејќи нема со што да ја плаќам киријата“ , вели Марина Насев.
Оттогаш до денес, Марина нема ниту денар во џебот ниту доволно леб во стомакот:
„Немам ни храна, ни дом, спијам по улиците на клупите“ , рече Марина Насев.
Марина нема никој близок за да се засолни кај него или да побара храна. Единствена надеж и се државата и општината од кои не бара милостина туку помош:
„Ја разгледуваме можноста дали оваа жена може да биде сместена во конаците во Света Недела, доколку постојат такви можности ние веднаш ќе и обезбедиме кров над главата“ , изјави Драган Ристов, советник за односи со јавноста во о. Штип.
Со грло полно грутки, наместо храна и очи полни солзи, Марина ја чека реакцијата на општината, но и на хуманите граѓани. Без нивна помош на неа извесна и е само улицата.