ЈАНЕВСКИ : ДО СЕГА ДАДОВМЕ 12 МИЛИОНИ ЕВРА ПОМОШ ЗА ЈСП, А ПРЕТПРИЈАТИЕТО И ПОНАТАМУ НЕМА ПАРИ ЗА ПЛАТА НА ВРАБОТЕНИТЕ, ТОГАШ КАДЕ ОДАТ ПАРИТЕ?

0
274

Она што се случува во претпријатието изминатите две години е целосно крахирање на системот и функционалноста на претпријатието. За ваквата состојба никако не може да се обвини Советот на Град Скопје, бидејќи ние сме локална законодавна власта во градот. Извршната власт во градот се градоначалникот и директорот на ЈСП односно менаџментот на ЈСП, вели советникот во Советот на Град Скопје од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Филип Јаневски на денешната вонредна седница.

Јаневски посочи дека во извештаите има ставки за договорни услуги од 200.000 евра, за нематеријални трошоци од 350.000 евра, потенцирајќи дека нејасно е каде се потрошени тие пари.

Ние како локална законодавна власт вршиме контрола врз извршната власт. Затоа вие кога нас ни велите, не можеме за извештајот да поставуваме прашања, тоа е нелогично, бидејќи ние сме тука да дискутираме за извештаите на сите претпријатија и да поставуваме прашања за нејаснотите и нелогичностите кои ги има во тие извештаи.  Велите дека истата форма била на извештаите децении наназад. Но, тоа не е точно. Првиот квартален извештај има различна форма, вториот квартален извештај има различна форма. Таму имате ставки кои велат 12 милиони денари договорни услуги, кои се тие договорни услуги од 200.000 евра. Што се договарате толку за 200.000 евра? Пишува други нематеријални трошоци 21 милион денари или 350.000 евра. Кои се тие други нематеријални трошоци од 350.000 евра? Тоа се тие прашања за кои ние бараме одговори, бидејќи е нејасно каде се потрошени тие пари, истакна тој.

Јаневски потсети дека советниците до сега за ЈСП изгласале помош од 12 милиони евра, укажувајќи дека на седницата на 14 ноември, директорот велел дека тие 2 милиони евра кои ги изгласале во советот ќе бидат доволни за исплата на ноемвриската и декемвриската плата.

Што се однесува за грижата за вработените во ЈСП, да ве потсетам ние на 14 ноември имавме деветта вонредна седница на која што изгласавме дополнителни 2 милиони евра за субвенции за ЈСП, на што директорот ни кажа дека тие ќе бидат за декемвриските плати. Првично дадовме 10 милиони евра, па дадов 2 милиони евра и ни беше ветувано дека со тие пари целосно ќе се покрие годината и ќе се заврши. А сега ни кажувате дека декемвриската плата не ја земале. И сега се поставува прашањето како успеавте да го доведете претпријатието до ова дереџе, праша Јаневски.

Јаневски нагласи дека во време на Коце Трајановски субвенциите за ЈСП биле 150 милиони денари, додека сега со Данела Арсовска субвенциите се 750 милиони евра, или 600 милиони денари повеќе.

Кога Коце Трајановски бил градоначалник 150 милиони денари биле субвенциите, а сега се 750 милиони денари повеќе. Тоа се 600 милиони денари односно 10 милиони евра повеќе. Па ние во 2022 година изгласавме субвенции од 525 милиони денари, а ЈСП ја заврши годината со загуба од 384 милиони. Па тоа е дупка од над 900 милиони денари, дециден е Јаневски.

Јаневски  му порача на директорот на ЈСП дека додека неговите вработени протестираат, тој го користи службеното возило платено токму со нивни пари.

Вашите вработени директоре немаат плата да земат, а вие се возите со службен автомобил, платена со нивни пари. Ако веќе се грижевте ќе дојдевте со нас да разговараме за сите нејаснотии, да ги објасните, му порача Јаневски на директорот на ЈСП.

Јаневски вели дека Советот упорно одобрува пари за ова претпријатие, а упорно и упорно не ни се даваат одговори каде се трошат парите.

Значи ние упорно и упорно истураме пари во ова претпријатие, а упорно и упорно не ни се даваат одговори каде се трошат парите. Минатата година беа дадени рекордни 740 милиони денари, 12,5 милиони евра на ова претпријатие, а сега допрва ќе видиме со колкава загуба ќе ја заврши 2023 година кога ќе стигнат извештаите. Знаете ли кој е концептот на субвенции. Помош при потешкотии во работењето. Ние гласаме потешкотии на работењето за 2024 година, а годината уште не е започната. Знаете  што значи ова? ЈСП не може ниту плати да ги исплати на своите вработени без од градот да има над 10 милиони евра секоја година дадено, тоа е 10 проценти од буџетот на градот. Тоа се помалку пари за булевари, водовод, улици, заклучи Јаневски.

Јаневски порача дека нема да ја поддржат точката за дополнително давање на помош на ЈСП, додавајќи дека вработените во ЈСП треба да се обратат до нивниот директор бидејќи тој не им обезбедил плата.

Ние нема да поддржиме ваква точка, не за  вработените да не земаат плата, туку тие треба со својот проблем да отидат кај директорот на ЈСП. Тој не им овозможил плата, тој им е директор, порача Јаневски.