ШТЕДАЧИТЕ ОД ЕУРОСТАНДАРД : ТРИФУНЕ БИДИ ЧОВЕК И ИЗЛЕЗИ СО ВИСТИНАТА БЕЗ ОГЛЕД КОЛКУ И ДА Е ТЕШКА!

0
707

Оштетените штедачи од пропаднатата Еуростандард банка со соопштение до јавноста го охрабруваат поранешниот мнозински сопственик на оваа банка, Трифун Костовски на 22 август, како што најави, да излезе со вистината за криминалот кој што е направен во банката, но му порачуваат дека нив веќе ништо не може да ги фрапира.

-Имено, мноштво индикатори, изјави, списи, извештаи и материјали упатуваат на едно заедничко за пропаѓањето на Еуростандард банка: масовен организиран криминал. Тоа е симболот за тоа што се случувало во Еуростандард банка со години. Институциите знаеле, знаела и Народна банка. Знаел и раководниот тим на банката, бидејќи од таму бил осмислен, инициран, почнат и се спроведувал организираниот криминал.

Во изминатите две години, Трифун Костовски, преку неговите колумни, не запозна со начините на кои се краделе парите од депозитите во банката со споделување на повеќе примери. Во пресрет на најавуваната објава на извештајот од неговата приватна истрага за пропаѓањето на Еуростандард банка, тој јавно сподели и дека во повеќе банки во земјата се користиле и сеуште се користат приватни трансакциски сметки на правни и физички лица за трансфери на финансиски средства без знаење на сопствениците на истите како и дека се кредитирале и сеуште се кредитираат фирми кои не биле ниту се кредитоспособни преку доделување на позајмици. Токму ваквите девијантни и криминогени појави се практикувале во Еуростандард банка, како што неодамна беше објавено од Трифун Костовски. Таа пракса на масовно одобрување на кредити за измирување на достасани обврски на клиенти, која се случувала преку трансфери на позајмици од еден на друг клиент во банката и потоа парите исчезнувале, е констатирана и како една од главните причини за пропаѓањето на банката.

Едно е заедничко за сите вакви нелегални, криминогени трансакции кои масовно се спроведувале во банката, особено во последните неколку години пред нејзиното затворање. Сите тие трансакции биле одобрени од раководниот тим на банката. Во своите објави и изјави, Трифун Костовски избегнува да признае дека тој и неговиот раководен тим се единствените потписници на одлуките и налозите со кои се одобрувани кредити, трансфери или позајмици кои не можат да се наплатат и поради тоа тие се главните виновници за пропаѓањето на банката, се вели во нивното соопштение.

Тие забележуваат дека истрагата во Основното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за пропаѓањето на банката се уште трае од февруари минатата година иго повикуваат тој да ја обелодени вистината.

-Трифуне, на тебе е редот да конечно излезеш со вистината пред твоите довчерашни депоненти кои токму на твојата банка ги доверија своите лични парични средства, барем толку заслужуваат, нели?! Ако институциите молчат, биди Ти тој што нема да молчи и испочитувај ја твојата парола „човекот пред се”. Биди човек и излези со вистината без оглед колку и да е таа тешка! “, додаваат оттаму, порачуваат тие.