ЧЕТВРТАТА ПАРАДА НА ГОРДОСТА ВО СКОПЈЕ ЌЕ СЕ ОДРЖИ НА 24 ЈУНИ ПОД МОТОТО „ГЛАСНИ И ГОРДИ!“

0
857
Четвртата Парада на гордоста во Скопје (Скопје прајд) ќе се одржи на 24 јуни под мотото „Гласни и горди!“, објави организаторот Националната мрежа против хомофобија и трансфобија.

Како и досега, почетната точка ќе биде во паркот Жена-борец, каде што учесниците ќе се собираат од 17 часот, а по кратките говори, во 19 часот ќе почне протестниот марш по скопските улици. Настанот ќе заврши со културно-музичка програма на стадионот на АРМ во Градски парк.

„Прајдот останува важна форма на протест на ЛГБТ+ заедницата против стигмата, предрасудите и насилството. Во ваква непријателска средина, каде што говорот на омраза и насилството се во пораст, а хомофобијата и трансфобијата стануваат доминантна позиција на носителите на моќ, да се биде горд и гласен претставува отпор и протест против системот кој угнетува. ЛГБТИ заедницата минала низ многу тешки периоди, ќе минеме и низ овој со исправена глава, горди и гласни во остварувањето на нашата визија за свет на еднаквост и просперитет“, истакна Ирена Цветковиќ од Националната мрежа против хомофобија и трансфобија.