ХРВАТСКА 10 ГОДИНИ ВО ЕУ : ЖИВОТОТ Е ПОДОБАР

0
570

Поминаа точно десет години откако Хрватска влезе во ЕУ. По толку време, разумно е прашањето колку (и дали воопшто) се исплатеше таа одлука или поточно дали денес во Хрватска животот е подобар или полош отколку пред влезот во ЕУ.
Како што анализира Индекс.хр, податоците за економските резултати на Хрватска покажуваат забележлив напредок.

Хрватска дури во 2015 година излезе од долгорочна криза, на што секако помогна нејзиниот влез во ЕУ (отворање на извозниот пазар, фондови итн.). Но, треба да се запомни дека во 2013 година, како и денес, судбината на Хрватска не зависеше од тоа дали ќе биде дел од ЕУ или не, односно ЕУ не може да ја спаси Хрватска. Но, Унијата може да и помогне самата да се спаси.
Макроекономските показатели за напредокот на Хрватска откако се приклучи во ЕУ се јасни. Извозот силно порасна, фондовите се толку дарежливи што сочинуваат голем дел од националниот буџет, директно со помош на фондовите на ЕУ беа лансирани бројни капитални инвестици, јавниот долг во БДП е намален, задолжување е помало, а институциите на ЕУ позитивно влијаат на институциите во Хрватска.
Сето тоа е добро, но граѓаните на Хрватска, со право, се повеќе заинтересирани за придобивките што ги имале, а има показатели кои кажуваат многу за тоа како се променил квалитетот на животот на луѓето во Хрватска.

Сиромаштијата се намалува

Квалитетот на едно општество можеби најдобро се одредува според процентот на сиромашните. Поточно податоци за тоа како живеат посиромашните граѓани. За да се измери ова, беше развиен концептот на ризик од сиромаштија и социјална исклученост. Со него се мери на пример можност за плаќање на непредвидени трошоци, можност за еднонеделен одмор подалеку од местото на живеење, пристап до личен автомобил, прашање дали некој може да си дозволи по еден оброк од месо или риба на секои два дена, замена на износена облека и други можности кои треба да бидат дел одеден пријатен живот.

Вториот фактор што се мери е ризикот од сиромаштија, а третиот е дали лицето живее во домаќинство во кое то повеќето возрасни работоспособни членови не се вработени. Накратко, тоа се критериумите за вработување, приходи и пристап до материјални добра.
Во Хрватска, во 2015 година 24,4 отсто од населението било изложено на ризик од сиромаштија и социјална исклученост, односно речиси секое четврто лице, нешто повеќе од просекот на ЕУ (24 отсто). Во 2022 година, 19,9 отсто од хрватското население или секое петто лице ги исполнило наведените параметри за влез во групата на лица во ризик од сиромаштија. Падот беше побрз отколку на ниво на цела ЕУ, така што денес процентот на социјално ранливи лица во Хрватска е помал од просекот на ЕУ (21,6 проценти).

Високата невработеност повеќе не е проблем

Веројатно секој човек во Хрватска е свесен дека од осамостојувањето, еден од главните проблеми на Хрватска е високата невработеност, што е проблем што го споделуваат многу земји кои излегоа од комунизмот на крајот на 20 век. Но, повеќето го решија тој проблем многу побрзо од Хрватска.
Добрата вест е што во последните неколку години невработеноста во Хрватска веќе не е толку висока за да се зборува за национален проблем. Наместо тоа, дискусиите за преголемиот број невработени се заменети со дискусии за тоа дали има доволно работници во Хрватска и дали треба да се увезува работна сила. Тоа е огромна историска пресвртница.

Секако причина за тоа е силниот раст на економијата, а со тоа и на вработеноста. Сепак, со голема сигурност може да се каже дека во сето тоа помогна ЕУ, односно членството кое делуваше како силен импулс за економијата. Треба да се признае и тоа дека ова во голема мера е резултат на масовната емиграција од Хрватска во другите членки на ЕУ, што го намали бројот на достапни работници во Хрватска.
Ако е така, т.е. ако повеќето од невработените се иселувале, тогаш тоа е ситуација која била добра за сите. Невработените во Хрватска станаа корисни работници на други места во ЕУ, оние кои останаа во Хрватска имаа корист во форма на полесно вработување и посилен краткорочен раст на платите. Долгорочно, платите сепак зависат од продуктивноста на економијата.
Во април 2013 година, стапката на невработеност во Хрватска беше неверојатни 17,5 отсто, 5,8 процентни поени повисока од просекот на ЕУ (11,7 отсто). Во април годинава таа изнесуваше 6,5 отсто, само 0,5 процентни поени повеќе од просекот на ЕУ (6 отсто).

Луѓето се позадоволни од животот

Дури и кога сите податоци покажуваат дека населението на една земја објективно живее подобро (повисоки плати, помала нееднаквост, помала невработеност итн.), личниот впечаток за просечното население може да биде различен.
Но, истражувањата за задоволството од животот покажуваат дека субјективното чувство за благосостојба на хрватските жители го следело финансискиот и материјалниот напредок. На скала од 1 до 10, во 2013 година, испитаниците во Хрватска целокупното задоволство од животот го оцениле со 6,3 поени, задоволството од личните меѓучовечки односи со 7,3 поени, задоволството од работата со 7 поени, а најниска оценка добило задоволството од финансиската состојба.
Во 2018 година, просечната оценка на целокупното задоволство од животот остана иста (6,3), иако парадоксално, оценките за задоволство од финансиската состојба (5,2) и задоволство од личните и меѓучовечките односи (7,5) се зголемени. Со оглед дека се работи за целосно субјективна проценка, сосема е нормално рејтингот на целокупното задоволство да остане ист иако рејтингот на поединечни сегменти од животот се зголемува.

За 2022 година сè уште нема податоци за задоволство од финансиската состојба, меѓучовечките односи и работата, но просечната оценка за целокупното задоволство од животот на хрватското население порасна на 6,8 поени. Просекот на ЕУ е 7,2 поени, но Хрватска сепак напредуваше бидејќи во 2013 година беше втора најнесреќна земја во ЕУ (прва беше Бугарија), а во 2022 беше посреќна од (освен Бугарија) Унгарија и Летонија. Имаше ист рејтинг како Грција, Франција и Кипар.

Ситуацијата во Хрватска е многу подобра

Објективно, денес животот во Хрватска е многу подобар отколку што беше пред влезот во ЕУ. Не само поради самиот чин на влез, туку затоа што Хрватска поради низата лоши одлуки во сферата на економските политики, кризата која траеше две-три години во повеќето земји во светот ја продолжи на дури шест години. Почетокот на кризата не е вина на властите во Хрватска, туку дефинитивно е нејзиното траење.
Денес има помала невработеност, ризикот од сиромаштија е помал, платите се повисоки реално, има помалку презадолжени итн. А на сето тоа позитивно влијаеше влезот во ЕУ. Хрватските граѓани можат да бидат задоволни од првите десет години членство.

Извор : Слободен Печат