ТРЕНЧЕВСКА : НА ШВЕРЦЕРСКИ НАЧИН СЕ НОСИ СИСТЕМСКИ ЗАКОН, СЕ РАСПАРЧУВА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ТРУД И СОЦИЈАЛНА ПОЛИТИКА

0
147
На шверцерски начин во Собранието се носи системски закон којшто уредува значајни прашања, не случајно е предвидено да биде донесен со двотретинско мнозинство, рече пратеничката од СДСМ, Јована Тренчевска синоќа во Собранието на седницата во врска со предложениот закон за зголемување на бројот на министерства, односно реорганизација на државната управа.
-Нема дебата, нема консултација на експертска и стручна јавност, нема консултација на граѓански организации, нема консултација на социјални партнери. Иако во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ се обврзуваат на целосна имплементација на Деловникот и дека редовната постапка за донесувањето на законите ќе биде правило а скратената исклучок. За закони кои се обемни и тангираат вака значајно прашање не може да биде по скратена постапка. На денешните комисиски расправи немаше присуство ниту на стручна јавност ниту на експерти, рече Тренчевска.
Она што го содржи законот покажува дека ВМРО-ДПМНЕ ги излажа граѓаните.
-наместо намалување на администрацијата, намалување на министерствата се предлага зголемување, од 16 на 20 министерства. Граѓаните се излажани. Нови можности само за задоволување на коалициските партнери, рече Тренчевска.
Министерството за труд и социјална политика се распарчува, додаде таа.
-Се дели на министерство за социјална политика, демографија и млади, а исклучително важната област оди во министерството за економија. Кохерентноста на политиките од трудовото право и социјалната заштита е исклучително важно. Ова разделување на трудовите политики и социјалната заштита нема да донесат ништо добро за граѓаните. Затоа што и за работниците е важно на едно место да се носат овие политики. Ниту препораките на Меѓународната заедница на трудот не се почитуваат кои препорачуваат интегриран пристап., рече Тренчевска.