СЈО отвара нови истраги за финансискиот криминал на режимот: Два нови „Т“ за Скопје 2014 и за Сончев град?!

0
1098

Преку Фејсбук и Твитер специјалното обвинителство најави дека во четврток јавноста ќе слуше уште две нови истраги.

Детали за предметите не соопштуваат, но според извори на 24 Вести и двете истраги се поврзани со финансиски криминал.

Тимот на Катица Јанева најверојатно ќе ги обелодени сомневањата за криминални активности поврзани со „Сончев град“, случај кој го истражува повеќе од пет месеци. Уште во мај соработниците на Јанева ја посетиле општина Сопиште и се заинтересирале за историјатот на градбата. Истрагата не е поврзана со сегашните турски инвеститори, туку е фокусирана на пропаднатиот обид на израелска фирма да ја гради населбата. Но, од СЈО не откриваат ништо официјално.

„Не можеме да соопштиме никакви детали, се што е потребно и поврзано со истрагите, ќе го објавиме на прес конференција за два дена.„ – велат од СЈО.

И двете истраги ја продолжуваат низата која носи оперативни имиња на случаи кои почнуваат на Т, велат изворите на 24 вести. Вториот предмет пак располага со голем број докази и сведоци за еден од поголемите објекти на Скопје 2014-та година. И овој случај бил подолг период под лупа на Катица Јанева. Инаку градоначалникот на општина Центар пред три месеци сведочеше во СЈО, во врска со овој проект и ги достави ревизорските извештаи кај обвинителите на Јанева.

А, Скопје 2014 беше дел и од т.н. бомби. Според објавеното опозицијата обвини дека Никола Груевски лично е идејниот творец, дизајнер и реализатор на проектот „Скопје 2014.“

Пред околу два месеца во СЈО сведочеше и министерката за култура, Елизабета Канческа Милевска. Откако ја напушти зградата на специјалното обвинителство, таа не соопшти детали за кој случај била повикана, но порача дека дошла со задоволство бидејќи имала можност да каже дека нејзиното министерство работело по закон.