СРЕДБА ГРКОВСКА – ВАЛИ : СОРАБОТКАТА МЕЃУ СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА И UNODC ЌЕ ПРОДОЛЖИ И ВО ОДНОС НА ЈАКНЕЊЕ НА ИНТЕГРИТЕТОТ ВО ПРАВОСУДНИОТ СИСТЕМ

0
264
Во рамките на Конференцијата на земјите потписнички на Конвенцијата на Обединетите Нации против корупцијата, COSP 10, што се одржува во Атланта, САД, заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, имаше работен состанок со извршната директорка на Канцеларијата на ОН за дрога и Криминал (UNODC), Гада Вали.

Вицепремиерката Грковска изрази благодарност за поддршката што UNODC и ја дава на Република Северна Македонија, особено во имплементацијата на Национална стратегија за јакнење на капацитетите за водење на финансиска истрага и Конфискација на имот, со Акциски план 2021-2023.

Притоа, Грковска изрази уверување дека оваа соработка не само што ќе продолжи, туку и ќе се унапреди и предложи UNODC да се вклучи во проектот што Кабинетот на вицепремиерката Грковска го реализира во соработка со Советот на Европа, а тоа е воспоставување на Регионална Академија за добро владеење.

Директорката Гада Вали и честиташе на вицепремиерката Грковска за успешното учество на COSP 10, истакнувајќи дека активностите што ги презентираше делегацијата на Северна Македонија, предизвикаа позитивни реакции меѓу учесниците. Таа изрази интерес UNODC да даде конкретна поддршка во воспоставувањето на Регионалната Академија за добро владеење.

Вали истакна дека UNODC посебно внимание посветува на регионот на Западен Балкан и нагласи дека се работи на повеќе паралелни проекти, како што е правосудната мрежа на интегритет и антикорупциското образование, а се во насока на јакнење на механизмите за справување со корупцијата и организираниот криминал.

Двете соговорнички се согласија во наредниот период да продолжи меѓусебната комуникација, со цел проектите што ќе ги имплементира UNODC да бидат креирани целосно според потребите на Северна Македонија, а беше договорена и засилена соработка околу јакнењето на интегритетот во правосудниот систем.