СПИКЕРОТ НА СОБРАНИЕТО АФРИМ ГАШИ ДЕНЕС ОСВАРИ СРЕДБА СО ТУРСКИОТ АМБАСАДОР ФАТИХ УЛОСОЈ

0
42

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со турскиот амбасадор, Н.Е. Фатих Улусој, на која соговорниците беа сложни дека двете земји негуваат одлични пријателски односи и соработка.

Претседателот Гаши се заблагодари за целокупната поддршка којашто Република Туркије ја дава на нашата земја уште од независноста па навака. За нивото на меѓусебна соработка сведочи и интензитетот на средби на највисоко ниво.

Земјите ги поврзуваат историски и културни врски, а граѓаните од турската заедница во земјава се мост меѓу двете земји.

Во нашата земја редовно се одбележува 21 Декември, Денот на наставата на турски јазик, на кој традиционално гостува претседателот на Големото национално собрание на Туркије.

Во двата парламента се формираат и успешно функционираат пратенички групи за пријателство и соработка, а постои и плодна соработка во рамките на меѓународните парламентарни собранија.

Во однос на економијата, културата и образованието, меѓусебните односи се на највисоко ниво. Република Туркије е меѓу нашите најзначајни трговски партнери и земја која континуирано инвестира во македонската економија во разни сектори и се јавува како стратешки инвестициски партнер.

Исто така, Туркије беше принципиелен поддржувач на нашето членство во НАТО, каде сега сме сојузници, а надежите се дека во скоро време двете земји ќе бидат и дел од Европската Унија.

Двете страни изразија убедување дека плодната соработка на највисоко парламентарно и државно ниво ќе продолжи и во тековниот парламентарен состав, со меѓусебни посети.