СМЕТКОВОДИТЕЛИТЕ СЕ КРЕВААТ НА БУНТ ПОРАДИ НЕЛОЈАЛНАТА КОНКУРЕНЦИЈА И ПАЃАЊЕТО НА СИСТЕМОТ НА УЈП ПОРАДИ КОЈ РАБОТЕЛЕ НОЌЕ ЗА ДА СТИГНАТ СО РОКОВИТЕ: Mирен протест во вторник, 29.01.2019г. во 12 часот пред Влада на РМ

0
1071

ИЗВЕСТУВАЊЕ ДО МЕДИУМИ

Од група сметководители и овластени сметководители

И покрај постојаните укажувања за проблемите со кои се соочуваме во нашата професија, немањето слух на сите надлежни за решавање на истите придонесе за големо незадоволство и револт кај мнозина сметководители и овластени сметководители.

Во овој критичен период за нас сметководителите, наместо да се грижиме за својата работа и изготвување на годишните сметки за цело стопанство ние се соочуваме со нелојална конкуренција, институционално дозволено нелегално работење, нефункционален закон, блокиран Институт, наметнати обврски без никакви права, што и се причините за овој револт.

Постојано слушаме и читаме за дигитализација и подобрување на системите на УЈП, а во реалноста се соочуваме со апсолутно нефункционален, паднат систем за е-даноци поради кој секој даночен период минеме по цели деноноќија во своите канцеларии обидувајќи се да го запазиме рокот за поднесување на даночните пријави, во спротивно драконски казни за обврзниците. Со години истиот проблем, без никакво подобрување.

Нелојална конкуренција од редовите на државната администрација, пензионери, вработени во 10тина фирми, се само уште еден од проблемите. Каква е нашата заштита од нив кога секој може да потпише даночна пријава, секој може да потпише годишна сметка, а УЈП и ЦРМ свесно ги прекршуваат законските одредби и тоа го дозволуваат со неприлагодување на своите системи.

А во сето ова, оној кој е најповикан да се бори за нашите права наспроти сите наметнати обврски, Институтот на сметководители и овластени сметководители (ИСОС), поради нефункционалноста на своите органи и внатрешните превирања, непотизам и финансиски криминал, скоро цела година е блокиран од претставниците во сите органи на управување без никаква разрешница на повидок.

Излезот од оваа алармантна состојба го гледавме во новото Законско решение од Министерството за финансии, од чија најава поминаа веќе 5 месеци, и наместо истото да биде согласно светската пракса, МФ дозволи мешање од консалтинг куќите кои нормално ги штитат своите финансиски интереси кои ги имаат од нас, а за нас повторно само наметнување на дополнителни трошоци и обврски.

Поради сите овие причини и нанесени неправди низ годините, најавуваме мирен протест во вторник, 29.01.2019г. во 12 часот пред Влада на РМ. Во оваа прилика ги повикуваме и сите сметководители и овластени сметководители да го изразиме нашето незадоволство и да се избориме за своите права. И конечно, да го заземеме своето место како важна алка меѓу државата и стопанството!