СКОПЈЕ ЌЕ ДОБИЕ НОВА БОТАНИЧКА ГРАДИНА – СО НЕА ЌЕ СЕ КАНДИДИРА ЗА ЕВРОПСКАТА ПРЕТСТОЛНИНА НА КУЛТУРАТА 2028

0
464

Се уредува новата Ботаничка градина која е сместена во рамки на Зоолошката градина и се простира на 12.600 квадратни метри. Во неа ќе бидат засадени повеќе од 4.600 уникатни дрвја и садници, ќе се постави нова урбана опрема, видиковци и бројни други содржини за посетителите, соопшти Град Скопје.

Во моментов таму интензивно работат екипите на Улици и патиштаи Паркови и зеленило.

– Ботаничката градина ќе биде ново зелено катче за одмор и рекреација на посетителите, но и за прикази на ретки или необични растенија, едукативни часови од ботаничари, хортикултуристи и градинари, како и настани за најмладите генерации. Овој претходно празен и неуреден простор ќе биде природен спој меѓу Зоолошката градина и Градскиот парк, а нејзиното уредување ја збогатува нашата понуда во рамки на кандидатурата на Скопје Европска престолнина на културата 2028 – истакна денеска градоначалничката Данела Арсовска.

Уредувањето на градината се одвива етапно во фази, екипите на ЈП Улици и патишта работат на изградба на пешачките патеки, додека екипите на ЈП Паркови и зеленило поставуваат хидрантска мрежа и систем за наводнување пред целосно зазеленување на просторот.

Во градината ќе се засадат автохтони видови растенија кои се природно распространети во Македонија, но ќе има и алохтони видови – растенија донесени однадвор. Ќе се засадат и ендемични растенија кои што се специфични само за Македонија.

Уредувањето на Ботаничката градина е дел од низата проекти од програмата „За модерно Скопје“ за подигнување нови зелени површини во градот.