СДСМ ЗА РУДНИЦИТЕ : НЕМА ДА СЕ ОТВОРАТ, АКО ГРАЃАНИТЕ ТОА НЕ ГО САКААТ, БЕЗ РАЗЛИКА ДАЛИ ЌЕ ТРЕБА ДА СЕ ПЛАЌААТ ПЕНАЛИ ИЛИ НЕ

0
464

СДСМ како одговорна, државотворна партија заедно со граѓаните продолжува да се бори против рудниците во општина Босилово и Ново Село, велат од партијата на власт.

Додаваат дека концесиите за овие и за уште осумдесетина рудници се дадени од страна на ДПМНЕ во 2012 година, потврдени и одобрени од сегашни и поранешни високи функционери од Белата палата.

„Заштитувајќи го интересот на граѓаните во овие општини и во целиот Струмички регион, СДСМ донесе одлука со која е укинато спојувањето на концесиите за рудниците за бакар и злато во Иловица. Владата предводена од СДСМ уште на почетокот на својот мандат презема мерки за да нема рудници на смртта во Македонија и носи Одлука за еднострано раскинување на Договорот за концесија.

Само поради одлучноста на СДСМ, денес рудниците се уште не се отворени и нема да се отворат, ако граѓаните тоа не го сакаат, без разлика дали ќе треба да се плаќаат пенали или не“, се истакнува во нивното соопштение.Оценуваат дека ДПМНЕ со својата неодговорност, неспособност и алчност, ја втурна државата во судски лавиринти во кои се уште е заглавена.

За разлика од нив, како што истакнуваат, СДСМ продолжува да ги штити интересите на граѓаните, продолжува со заштита на здравата животна средина.