САШО ОРДАНОСКИ : Ееееј Козарот правеше листи дома да ни доаѓа, онаа штрбата баба сеуште збори за ликвидации, а сите во пакет фамилијата ги остави на ветрометина!!!

0
2134

Веста дека неколку телевизиски концесионери (меѓу кои ТВ Алфа и Сител3) и Радио Слободна Македонија не можат да си ги платат годишните дозволи за работа, уште еднаш ја илустрира маката на партиските медиуми кои смислата на своето постоење ја имаат само додека финансиерите им се на власт. Веќе во првата година по нивното паѓање од власта, таквите медиуми не можат да поделат ни плати на вработените. Така згаснаа и сите партиски изданија на Керим-Камчев-МПМ (тие експерти за претворање на омразата во пари!), а за Нова ТВ на Сеад „Ибица“ Кочан се зборува дека со месеци доцни со обврските за плаќање на плати и хонорари.

Тажна е измеќарската професионална судбина на новинарите кои зависат од топлината на скутовите на власта. Добро, општа е констатацијата дека во Македонија, на пример, секако има премногу комерцијални телевизиски канали и дека големината на овој медиумски пазар бара згаснување на добар дел од ваквите медиумски операции. Но, кога ќе ги видите милионите (евра) што газдите на некои од овие медиуми ги испраа и ги заработија (и) низ овие канали, отсекогаш сум се прашувал не е ли некаков домаќински ред да ги финансираат своите партиски медиуми барем до следните избори, до следната трка по власта, макар сега тоа да треба да го прават од сопствен, наместо од државен џеб?

Се нема милост во таа работа. Првите „пера“ и „најударните тупаници“ на пропагандата на Груевски – еееј, „козарот“ се закануваше дека по дома ќе ни доаѓа, а онаа штрбавана баба уште прави листи за ликвидации! – кои со години проповедаа исклучивост и најгрубо се однесуваа кон секого кој имаше интегритет да го каже своето мислење, денеска својот говор на омраза го практикуваат по неколку скопски кафеани или на опскурни интернет платформи, заборавени од милионерите на бившата власт. Што е право, некои од пропагандистите не поминаа лошо во финансиска смисла, напротив – на Латас, на пример, само сумата од обвиненијата за неплатен данок му е поголема од годишниот буџет на еден пристоен регионален медиум; но големото мнозинство од ситните „лагери“ на таа машинерија на медиумското зло, кои како улични џукели лаеја на сè што се мрда, врз својата професија газеа за плата, спојувајќи први со први.

Е, сега, месеците се издолжија, почнаа да траат по 60 и 90 дена, плата нема ни за лек, а некогашните медиумски газди и нивните уредници кои не се „прешалтаа“ кон новата власт на време, или се влечкаат по судови, или се разбегаа кој-каде, главно во „илегала“, за да бидат заборавени додека за себе си ги „крцкаат“ заработките од златните години на македонската медиумска пропаганда. А по нивните новинари и медиумите што им се пред затворање денеска нема кој ни солза да пороси.

Којзнае дали и од оваа лекција нешто ќе научиме и запомниме…

Сашо Орданоски

Извор: ЦИВИЛ Медиа