РИСТОСКА : ИЗМЕНИТЕ НА КЗ ГИ ДОЖИВУВАМ КАКО НАВРЕДА НА ПРОФЕСИОНАЛЦИТЕ

0
340

„Последните измени на Кривичниот законик лично ги доживувам како навреда на сите професионалци кои се вложија, пред се, во борбата против корупцијата“.
Ова денеска го изјави обвинителката Ленче Ристоска, одговорајќи на новинарски прашања по првиот панел од конференцијата „Зајакнување на жените и младите во борбата против корупцијата и во вградувањето на европските фундаментални права и вредности во регионот“.

Според неа, овие измени најчесто ќе ги афектираат коруптивните кривични дела, а голем дел од предметите во кои се вложени многу ресурси и енергија веќе застаруваат.

Таа порача и дека кои било измени со кои можеби некој се спасува од кривична одговорност, не ја изземаат од одговорност имотната корист, односно конфискацијата и понатаму останува на сила.Обвинителката оцени и дека конфискацијата е „полужива“, а за нејзиното спроведување таму каде што се веќе детектирани проблеми, потребна е подобра меѓуинституционална соработка, па дури и политичка волја за измена на некои законски решенија.

-Измените на Кривичниот законик би рекла дека и тоа како влијаат на културата на неказнивоста која некако се протержира во изминатите години. И Обвинителството, по мое мислење, е ставено пред една неблагодарна и тешка задача. Имаме кратки рокови, таму каде што не е застапена застареноста, тоа експресно да се заврши. Од друга страна, ресурсите се такви какви што се, не ни се унапредени состојбите. Предметите во кои сме вложиле многу и ресурси и енергија веќе застаруваат, голем дел од нив. Барем за предметите по кои јас постапувам, во тек ни е анализа да видиме точно која ќе биде импликацијата од овие измени на Кривичниот законик. Меѓутоа, самите измени јас лично ги доживувам како навреда на сите професионалци кои сме се вложиле во борбата, пред се, против корупцијата, бидејќи овие измени најчесто ќе ги афектираат коруптивните кривични дела – истакна Ристоска.Во однос на предметите и нивното застарување, таа напомена дека ќе се преземе се за да се извлече максимум од аспект на казнивост.

-Можам да зборувам од моја перспектива и така како јас би постапила, во секој случај ќе преземаме се што може да се извлече максимум. Зборувам за оние предмети каде што веќе е судење. За истрагите кои се во тек и за предметите кои се уште не се на судење, се разбира истрагите ќе опфатат и дополнителни сегменти. За предметите кои веќе се на судење, да, некаде ќе мора да се извршат преквалификации, да се види, да се извлече максимумот од ситуацијата. И тука единствено би сакала да подвлечам, да не заборавиме дека кои било измени со кои можеби некој се спасува од кривична одговорност, не ја изземаат од одговорност имотната корист, односно конфискацијата и понатаму останува на сила. Најмалку што може да направиме е, во судските предмети каде што имаме можност, да се бориме да се спроведе конфискацијата – потенцира обвинителката.