,, ПОГЛЕД КОН НЕДОГЛЕД”, САМОСТОЈНА ИЗЛОЖБА НА АКАДЕМСКИОТ УМЕТНИК МАРЈАН СТОЈАНОСКИ

0
310

Виорниот и енергичен јазик во асоцијативно-апстрактните композиции на академскиот уметник Марјан Стојаноски понесува со моќна експресивност. Комбинирајќи цртачки и сликарски техники, тој создава слоевита, комплексна и динамична содржина богата со контрастна изведба на линиите и боените површини. Слободната имагинативна изразност произлегува од раскошниот семиотички јазик применет за креирање на асоцијативните апстракции. Од севкупната хипнотизирачка комплексност на метафоричните синтагми провејува чувство на леснотија и безгрижност, вовлекувајќи го погледот во бескрајната длабочина на фантазијата.

Секоја визуелна содржина пренесува таинствена и интуитивна приказна создадена под влијание на мигновена импресија на уметникот. Апстрактните облици произлегуваат од бескрајно црнило и сивило кои наѕираат пробивно од длабочината на позадината. Контурните јагленови линии конструираат разни облици кои асоцираат на човечки фигури, архитектонски градби, а понекогаш и предмети. Експресивните и колоритни слоеви создаваат енергична врска со останатите елементи и ја оживуваат содржината на композицијата. Колоритот на одредени површини потсетува на прозрачен нежен превез, а на други бојата е експресивна и потентна. Амбиентот во слободната отворена композиција оддава впечаток на фрагмент од сон или спомен.

Интензивните колоритни симболи и знаци навестуваат богат субјективен семантичен јазик создаден во текот на повеќегодишно ликовно истражување. Со стилизирање на динамичните форми и живописните површини уметникот создал автономен и специфичен ликовен стил.

Стојаноски, минатата година имаше одлично претставување во КИЦ во Софија, Бугарија, со скулптури од различен формат. Изложбата „Panta rhei“ со ротирачки скулптури, изработени во метал и елементи од дрво, предизвика голем интерес во бугарската јавност.

Уметникот Марјан Стојаноски завршува ФЛУ во Скопје, во класата на професорот Ибрахим Беди.Член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија ДЛУМ. Во два наврати е претседател на ДЛУП, каде што во 2015 година како член ја добива наградата за скулптура „Јордан Грабул”.

Има реализирано голем број на изложби, како самостојни, така и групни изложби.

Автор на текст: м-р Викторија Димеска, Историчар на уметност