ПЕТРОВСКА И ДУЕВ ПОТПИШАА МЕМОРАНДУМ ЗА ИНТЕНЗИВИРАЊЕ НА СОРАБОТКАТА ПОМЕЃУ ОДБРАНАТА И ФИЛОЗОФСКИОТ ФАКУЛТЕТ

0
393

Министерката за одбрана Славјанка Петровска и деканот на Филозофскиот факултет во Скопје, професорот Ратко Дуев денеска потпишаа Меморандум за соработка со кој ќе се интензивира соработката помеѓу двете институции.

„Министерството е секогаш отворено за интензивна соработка со академскиот сектор. Нашиот приоритет е да инвестираме во човечкиот капитал, но и заедно со професионалците од академската заедница да разговараме, да истражуваме и да анализираме области од заеднички интерес кои ќе ни помогнат во развојот на одбраната“, рече министерката Петровска.

Петровска на средбата со Дуев и продеканот за настава на Филозофскиот факултет, Оливер Бакрески, се заблагодари за отвореноста и желбата заеднички да продолжиме да се развиваме, и заеднички да го градиме одбранбениот систем, особено имајќи предвид дека на Филозофскиот факултет има студиска програма по безбедност, одбрана и мир на додипломски, последипломски и докторски студии.

Меморандумот за соработка предвидува стипендирање на вработени во Министерството на студиите на Филозофскиот факултет, ангажирање на кадри од Факултетот како експерти за потребите на одбраната, како и заедничка организација на семинари, тркалезни маси и взаемно користење на библиотечниот фонд на двете институции.