ПЕТРОВСКА : АКО СТАНАМ ПРЕТСЕДАТЕЛКА НА СДСМ, ЌЕ ГИ ПОВИКАМ ПРОТИВКАНДИДАТИТЕ ДА СЕ ПРИКЛУЧАТ НА НОВОТО РАКОВОДСТВО

0
99

„Ако не станам претседател на СДСМ, ќе останам да бидам само пратеник во Собранието. Но, ќе продолжам и понатаму со своето дејствување и по убедување да бидам социјалдемократ“, вели актуелната пратеничка и ексминистерка за одбрана

Сè уште ја немам поднесено кандидатурата за претседател на Социјалдемократскиот сојуз. Веројатно тоа ќе го сторам во среда, некаде околу 10:30 часот. Официјално ќе се кандидирам и тоа веќе и го потврдив.

Ова вечерва во Дневникот на ТВ Сител го најави ексминистерката за одбрана и актуелна пратеничка во Собранието, Славјанка Петровска, посочувајќи дека со кандидатурата за лидер на СДСМ ќе претстави и програма, за тоа, како што рече, која е нејзината визија за иднината на партијата.

„Секогаш се трудам да бидам прагматична. Помалку филозофија и теорија, а повеќе практичност. Ќе биде поделена на неколку сегменти, односно за она што ќе мора итно, веднаш да се направи, а што ќе мора на подолг рок, СДСМ да го направи. Името на таа моја програма ќе биде ‘Манифест за социјалдемократијата‘. Изминатиот период многу се зборуваше и СДСМ како водечка партија во власта даваше приоритет на тоа што се државни политики. Во делот на партиското дејствување малку повеќе се занемари социјадемократијата. Тоа и низ разговорите со членовите ќе го видите како една од главните забелешки. Во програмата ќе зборуваме многу за социјалдемократијата и за тоа како во иднина треба да се однесуваме како социјалдемократи“, рече таа.

На новинарското прашање што итно му треба на СДСМ, Петровска рече дека важно е да се врати дискусијата внатре во партијата, зашто, како што рече, не останале имуни на развојот на социјалните мрежи, па дискусијата се префрлила на комуникација по групи на социјални платформи, што, според неа, не може да ја замени суштината на партиското дејствување.

„Освен заживувањето на непосредната комуникација меѓу партиските членови, приоритет ќе биде враќање на членството да ја има примарната улога во одлучувањето. Ние бевме првата политичка партија во нашата држава која воведе непосреден избор на претседател. И тоа е сериозен демократски исчекор. И во останатите сегменти во креирање на кадровската политика, членството, општинските и месните организации треба да имаат клучна улога, анимирање на членството, држење постојано да биде присустно е една од работите која мислам дека ги занемаривме, односно ја изгубивме комуникацијата со членовите“, рече таа.

За внатрепартиските состојби и случувања, како и за повикот на противкандидатот за лидерската функција во СДСМ, Јован Деспотовски, оние што ќе изгубат да не заземаат други функции во партијата, Петровска смета дека разговорите прво треба да се одвиваат внатре во партијата, но посочи и дека веќе имала забелешки за партиските другари кои имаат позиции во партијата кои биле погласни надвор, отколку во рамките на партијата.

„Сакам да ги водиме дискусиите внатре во рамките на партијата, со членството. Таму ќе ми бидат поставувани прашања во поглед на моето дејствување во работа на партијата. Ако сакаме да го избереме вистинскиот претседател на СДСМ кој знае како членството дише и врз основа на тоа ќе знае што треба да се направи. Не е тешко, ако сте човек што е присутен во членството, не само во текот на кампања, туку и претходно, тоа може лесно да се направи. Ги знаеме кои се грешките. Луѓето кои се секојдневно во партијата ги знаат пропустите. Немам намера и од позицијата на кандидат и ако бидам избрана за претседател да го губам времето на членството, па и своето, и да покажувам со прст кој во минатото бил виновник“, рече Петровска.

Кога станала министерка, како што посочи, решила дека нема да се враќа назад во минатото и да ги критикува одлуките на нејзните претходници, но дека ќе учи од нивните грешки, а ќе ги искористи добрите работи што ги направиле.

„Исто ќе важи и во партијата. Враќањето назад и обвинувањето на некој што донел одлука пред пет или 10 години нема да ме стави во подобра позиција. Не можете да процените зошто некој пред 10 години ја донел таа одлука“, вели таа.

На прашањето дали се чувствува дека во моментов води хајка против неа, Петровска посочи дека зборува за принципите за претставувањето на кандидатите во медиумите. За тоа ако не стане претседател на СДСМ, дали има можност да ја прифати функцијата заменик-претседател на некој од кандидатите, според неа, нема проблем да изјави дека ако не стане претседател на СДСМ, нема да бара и нема да прифати некоја од другите позиции.

„Не треба од популистички аспект да заборавиме дека ние сме кандидати и претендираме да бидеме претседатели на политичка партија, каде имаме една точка на спојување, а тоа е идеологијата. Крајната цел ни е заедничка на сите нас. Идниот лидер, ако тоа сум јас, би ги повикала сите кандидати да се приклучат во новото раководство. Тоа е легитимно, а тоа не значи пазарење. Тоа значи чекор кон обезбедување на единството во партијата. Ако не станам претседател на СДСМ, ќе останам да бидам само пратеник во Собранието. Но, ќе продолжам и понатаму со своето дејствување и по убедување да бидам социјалдемократ“, рече Петровска во гостувањето на Сител телевизија.

За прифаќањето на понудата на Деспотовски, како и за нејзиниот предлог дека треба да се воведат и други услови – на пример, да се забрани кандидирање по третпат (ако се пријави, на Деспотовски ова ќе му биде втора кандидатура за лидер на СДСМ) и да се предвиди оставка од лидерот ако се соочи со кривична постапка, Петровска вели дека СДСМ од пред извесно време е веќе опозиција и дека теоретски секој што бил на функција потенцијално можеби направил нешто што претставува кривично дело.

„Јас сум била министерка две и пол години и можеби по сето тоа што сум потпишала, намерно, ненамерно, смислено, несмислено, дали има корупција или нема, сум направила кривично дело. Тоа важи и за мене. Дали јас ќе бидам, или било кој од другите кандидати предмет на политички прогон е друго прашање. Ако власта во доаѓање решила да прави политчки прогон, ќе направи. Каде е прагматичноста во таа моја понуда? Кога се борите да бидете претседател на партија која само што катастрофално ги загубила изборите, јас велам ајде на следната постава, да не им даваме дополнителен товар, ако било кој од нас се најде под било каков сомнеж. Да, презумцијата на невиност е важна. Но, во политиката гази многу брзо. Не верувам дека ВМРО-ДПМНЕ ќе чека СДСМ да закрепне, па после да тераат ако имаат нешто. Но, во СДСМ има личности кои без разлика дали биле или не биле на функции, немаат сомнежи зад себе“, вели таа.

Со вистинска прагматична агенда, според Петровска, СДСМ може да се врати многу брзо, особоно, како што рече, ако го има вистинскиот концепт кој се темели на соцојалдемократијата и кога се обединуваат вистинските социјалдемократи.

Внатрепартиските вонредни избори за претседател на СДСМ доаѓаат откако Димитар Ковачевски, по парламентарните избори на 8 мај официјално го потврди своето повлекување од претседателската функција во партијата.

Досега кандидатури за лидер на СДСМ најавија дека ќе поднесат досегашната министерка за одбрана Славјанка Петровска, директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони (ТИРЗ), Јован Деспотовски и поранешниот министер за здравство Венко Филипче.

Извор : 360 степени