НОВИОТ МОСТ НА ЉУБЉАНСКА ЌЕ ПОВРЗЕ 5 СКОПСКИ ОПШТИНИ – ГРАД СКОПЈЕ ТРЕБА ДА ГО ПОВРЗЕ МОСТОТ СО УЛИЦИТЕ ОД ДВЕТЕ СТРАНИ

0
541

До крајот на годинава треба да заврши изградбата на мостот на улицата Љубљанска во Општина Карпош, кој ќе овозможи меѓусебно поврзување на општините Карпош, Ѓорче Петров, Чаир, Бутел и Шуто Оризари.Мостот е широк 24 метри, има 4 коловозни ленти, како и пешачки и велосипедски патеки од двете страни. Долната конструкција на мостот е веќе завршена и моментално се работи на средишниот горен дел.
Бетонирањето на завршниот дел од горната конструкција е планирано да заврши во текот на идниот месец. Сите столбови и сите основни елементи на мостот се веќе завршени, а подизведувачот моментално работи на поставување скелиња на горниот дел.

За изведба на градежните работи на мостот на Љубљанска во Општина Карпош се издвоени над 6,2 милиони евра. Проектот го изведува ТАВ Конструкшн, а подизведувач е ГД „Гранит“ АД Скопје.

– Се надевам дека жителите од Карпош, Ѓорче Петров и сите овие населени места околу Вардар, ќе уживаат во придобивките на модерна и безбедна патна инфраструктура која ја обезбедуваме насекаде каде што треба да се инвестира – изјави премиерот Димитар Ковачевски кој заедно со генералниот директор на ТАВ, Неџат Курт, денеска изврши увид во градежните работи на мостот на Љубљанска.За изведба на градежните работи на мостот се задолжени изведувачи од земјава, но и подизведувачи од Франција.

Овој проект е дел од програмата ТАВ од која досега се реализирани близу 80% од сите проекти кои биле предвидени и започнати. Од вкупно 83 започнати проекти во вредност од 50 милиони евра, до денес се завршени 64 инфраструктурни проекти во разни општини низ државата, водоводи, канализации, патишта и улици, спортски сали, здравствени објекти, градинки, младински центри и други објекти кои се наменети исклучиво за потребите на граѓаните. Тековно се работи и на 19 преостанати проекти.– Останува Град Скопје да го заврши поврзувањето на мостот од двете страни. На едната страна пред нас со булеварот Илинден и на другата страна од мостот – додаде премиерот Ковачевски.