НЕ ВИ ГО НАПРАВИВ ЌЕИФОТ ДА МЕ ИЗБРКАТЕ ОД РАБОТА – САМАТА ГО НАПУШТИВ МВР!

0
4957

Како полициски службеник – самостоен инспектор за сузбивање на финансиски криминал, со 17 години работен стаж, со завршен Правен факултет и постдипломец на Полициската академија во Скопје, дадов отказ во МВР, затоа што:

10497217_655139914573304_195267678305936665_o

-Како мајка на три малолетни деца, не дозволив да се гази по моето лично и професионално достоинство. Не дозволив едно новокомпонирано “началниче“ професионално да ме понижува и да ми се заканува со апсење и отказ.
-Како мајка на три малолетни деца и како сопруга на генералот Ангелов одбив да “ловам“ дрвокрадци по планинските села Танушевци, Брест, Студеничани, Количани, Љуботен… Во периодот кога “Гардата на Илирида“ излезе со соопштение дека ќе патролира на сите, според нив, албански места.
-Како мајка на три малолетни деца, како жена, и како инспектор по финасиски криминал, сметав дека не е во ред да обезбедувам новогодишна прослава на градскиот плоштад во Скопје откако претходно обезбедив замена од еден од моите колеги.
-Како мајка на три малолетни деца и докажан полициски инспектор, побарав прераспоредување на друго работно место, затоа што однапред знаев дека е бесполезно да се жалам до Единицата за внатрешна контрола и професионални стандарди.
-Како мајка на три малолетни деца, крајно вознемирена, со повредено достоинството и личен интегритет, не бев во состојба да продолжам со работа на досегашното работно место (согласно член 78 од Колективниот договор на МВР).
-Како мајка на три малолетни деца, нѐ наидов на расположение од врвот на МВР да се потпише решението за мое прераспоредување, ниту пак со усна наредба бев префрлена на друго работно место.
-Иако на прослава на ОБСЕ, пред неколку месеци, при случајна средба со Директорот на БЈБ, мојот сопруг побара, а Директорот се согласи. И ни вети. Дека ќе бидам префрлена на друго работно место. Кој не му дозволи? Зошто не му дозволи? Кој е над директорот???

ШТО СЕ СЛУЧИ?
Капката која ја прели чашата беше мојот ангажман како обезбедувач на новогодишната прослава на градскиот плоштад во Скопје. Ден претходно, со дозвола на началникот, колега од мојот оддел се согласи да ме замени. На 31 декември, денот кога се слави новата година, некаде после 12.00 часот ме известија дека замената не важи и дека морам на новогодишната ноќ да работам на градскиот плоштад.

Денот после „Прочка“ ми врачија предлог за дисциплинска комисија. Во ноември сум зела боледување и сум одбила да одам во “планина“ а во јануари не сум одела на работа!?

Директорот на БЈБ беше запознат со мојот случај. После нападот од малото “началниче“ јас повеќе не сакав, ниту пак можев да влезам во таа полусрушена, мувлосана барака. Началникот на СВР Скопје ме убедуваше да се вратам на работа, да ги заборавам навредите и да простам, затоа што сум била еден од најдобрите инспектори во Скопје.

Но, јас не можев да се помирам со секојдневниот мобинг, со помислата дека после 17 години работен стаж, некој злонамерно ме остава да „чмаам“ во полураспаднатата барака на одделението за финансиски криминал. Барака во која инвертарот не е од ЈНА, туку е од втората светска војна.

Зарем не заслужив едно обично преместување на едно од стотиците работни места во МВР. Во цело СВР Скопје па и во МВР, бев единствената мајка на три деца, сите малолетни, која сеуште работи на работно место полициски инспектор – оперативец.

Вака ли Министерке, се грижите за мајките од многудетните семејства?! Ваква ли е вашата стимулација за раѓање на трето дете?

Уживате ли г-ѓо Министерке?! Бидејки ме “сотревте“? Како што ги сотревте сите ваши политички неистомисленици вработени во МВР. Затоа што сум сопруга на генералот Ангелов. И затоа што активно учествував во кампањата на “Достоинство“.

За крај, како во Вашите реклами… Сѐ поминува. И кариерата, и гужвите, и проблемите. Само семејството е најважно. И ДЕЦАТА се нашето најголемо богатство. Затоа, доста беше. Нема да ви дозволам да ме влечкате по вашите дисциплински комисии. Нема да ви дозволам да се изживувате врз мене. Нема да ви дозволам да ме избркате од работа. Затоа јас самата, со подршка на мојот сопруг, генералот Ангелов, го напуштам МВР. Бидејки му требам на моето семејство. Бидејки им требам на моите деца!

Јасминка Ангелова – ЕКС инспектор за сузбивање на финансиски криминал во МВР