НЕМАМЕ ИНТЕРЕС ДА ГО ПРИВАТИЗИРАМЕ МЕПСО, ТВРДИ БЕКТЕШИ

0
272
Никакви разговори не се водени за продажба на МЕПСО на грчката компанија ИПТО, ниту има понуда од грчката компанија до Министерството за економија, немаме ни интерес да го приватизираме МЕПСО ни дел од МЕПСО, тврди министерот за економија Крешник Бектеши.

– Во Министерството за економија сигурен сум дека нема понуди од страна на грчката компанија. Тие можеби посакуваат, но во делот на енергетската инфраструктура ние правиме напори тоа да остане на државата затоа што е стратешка инвестиција, стратешка компанија која може да влијае во делот на безбедноста – рече Бектеши на „Сител“.

Во однос на укажувањата дека оваа година имало две средби помеѓу претставници на МЕПСО и на Грчкиот електроенергетски оператор – ИПТО, тој вели средби може се одржале, но Владата е таа која носи одлуки дали ќе сака да го зголеми капиталот, да направи докапитализација, да оди на јавно – приватно партнерство и друго.

-Такви одлуки во Владата нема затоа што ние сме го направиле спротивното. Ние таму каде сме имале приватен партнер во делот на гасоводот ние ги купивме нивните акции со цел делот на енергетиката да биде во стопроцентна сопственост на државата – вели Бектеши.