МУХАМЕД ЗЕЌИРИ ОСУДЕН НА ДВЕ ГОДИНИ И ШЕСТ МЕСЕЦИ ЗАТВОР

0
304

Порaнешниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зеќири кој се товари за злоупотреба на службената положба попладнево во Кривичниот суд беше осуден на две години и шест месеци затвор. Во издржувањето на казната на Зеќири му се засметува и времето поминато во притвор.

Зеќири се товари дека без да спроведе јавна набавка, директно склучувал договори со правни лица кои работеле под сомнителни околности.

Процесот, според обвинението, почнал кога на предлог на вицепремиерот Фатмир Битиќи, Владата заклучила дека е потребно да се спроведе постапка за да се направи физибилити студија во врска со македонски пошти и Железници Транспорт, а задолжен за постапката бил Мухамед Зеќири во улога на генерален секретар.Зеќири се изјасни за невин и рече дека само извршувал активности за кои бил задолжен со одлука на Владата.

– Владата во својата работа донесува заклучоци во која ги задолжува органите да постапуваат, мене ме задолжија да ги споредам сите активности, а во заклучокот немаше предвидена јавна набавка. Обвинението дека со умисла сум направил некаква штета, кога јас како генерален секретар само извршував владин заклучок, што беше и моја законска службена обврска. Ако кривичното дело злоупотреба на положбата може да се стори исклучиво со умисла, никако не можам да бидам обвинет за такво кривично дело бидејќи јас извршував само туѓа замисла, посочи тој.

Јавната обвинителка неодамна, согласно измените во Кривичниот Законик, го трансформираше поднесениот обвинителен акт во обвинителен предлог.Согласно сега поднесениот обвинителен предлог, на поранешниот генерален секретар Зеќири му се става на товар делото „злоупотреба на службена положба и овластување“ – 353 став 4 кој предвидува казна затвор од 1 до 5 години, за разлика од претходно, кога му се ставаше на товар истиот член под став 5, кој предвидуваше минимална казна затвор од 5 години.

Поранешниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зеќири се товари дека во периодот од април 2021 до јануари 2022 година во својство на генерален секретар на Владата, без да спроведе јавна набавка, склучил договори за консултантски услуги во вкупна вредност од речиси еден милион евра, односно биле платени 147.000 евра повеќе од претходно договорените 795.000.