МИЦОТАКИС : ОЧЕКУВАМ ИЗЈАВА ОД НОВИОТ ПРЕМИЕР ДЕКА ИМЕТО Е С. МАКЕДОНИЈА И ЌЕ ГО КОРИСТИ ВО И ВОН ЗЕМЈАТА

0
66

„Очекувам од новиот премиер да даде јасна изјава дека го почитува Договорот од Преспа и дека името на неговата земја е Северна Македонија и тоа ќе го користи во и вон неговата земја“ рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис вечерва во интервју за телевизијата Стар. Тој говореше и за надворешната политика, а се осврна и на односите со С. Македонија, посочувајќи дека Атина се стреми кон добри односи, но неопходно е почитување на Договорот од Преспа.

– Видов некои изјави на претседателката на С. Македонија и мислам дека направи некои чекори назад од првичните изјави. Ние се стремиме кон добри односи со С. Македонија, но многупати имаме кажано дека добрите односи поминуваат преку почитувањето на јадрото на Договорот што го потпишаа двете земји – рече Мицотакис.

Го повтори ставот дека според нив Договорот има „многу проблеми кои ги гледаме сега во однос на признавањето на македонскиот јазик и националност“.

– Но, Договорот одреди едно име за сите и ова соседите мора да го почитуваат. И очекувам од новиот премиер, кога и штом ќе положи заклетва да даде јасна изјава дека го почитува Договорот од Преспа и дека името на неговата земја е С. Македонија и тоа ќе го користи во и вон неговата земја – рече грчкиот премиер.