МИЦКОСКИ : МАКЕДОНИЈА ВО ФУРИОЗЕН СТИЛ ЌЕ БИДЕ ДЕЛ ОД ЕВРОПСКОТО СЕМЕЈСТВО, ЌЕ ГО ОТКОЧИМЕ ПАТОТ

0
233

Мандатарот за состав на нова влада, Христијан Мицкоск, очекува Македонија фуриозно да влезе во Европската Унија. Одговарајќи на новинарско прашање за очекувањата од Бојко Борисов пред денешното генерално собрание на ЗЕЛС, Мицкоски рече дека се радува на неговиот избор оти и ВМРО-ДПМНЕ е дел од истото европско семејство и очекува двајцата да продолжат по патот кој е веќе трасиран. Повтори дека ултиматуми и диктати не прифаќаат, а грешките и лековерноста на некои од политичарите што беа и сè уште се дел од Владата ги отежнале состојбите.

„Имаме разумен предлог, кој ВМРО-ДПМНЕ го има како дел од својата изборна програма. Ќе го откочиме патот и  јас сум убеден дека во фуриозен стил Македонија ќе биде дел од европското семејство“, рече мандатарот Мицкоски.

И денес рече дека тој и идната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ во целост ќе ги почитуваат меѓународните договори, но ќе инсистираат договорите да ги почитуваат и другите страни за што вели дека веќе подготвиле документ.

„Меѓународните договори треба да се почитуваат, немаме дилема, но тоа е двонасочна улица, двете страни треба да ги почитуваат. Преспанскиот договор ние како идна влада го почитуваме во детали. Сè што е од закон, Устав, се почитува до точка и запирка, но истовремено чекаме и вториот потписник да го почитува. Креиравме еден документ колку од договорот е имплементирано од наша страна, а колку од грчката страна. Ќе го запознаеме секој оној што е љубопитен колку двете страни го почитуваат договорот“, рече Мицкоски.

Нагласи дека бил сведок кога многу наши меѓународни партнери ги убедувале политичарите дека уште само името да се смени и готова е работата, но се покажа дека не било така. Затоа овој пат очекува сите наши стратешки партнери, кои се дел од меѓународните договори, да ги почитуваат исто како и ние што ги почитуваме.

Извор : МакФакс