МИНИСТЕРОТ АЛИТИ ГОВОРНИК НА ФОРУМОТ ЗА ДИГИТАЛНА БЕЗБЕДНОСТ НА ЗАПАДЕН БАЛКАН

0
430

Сајбер безбедноста и најдобрите европски практики беа во фокусот на денешниот Форум за дигитална безбедност на Западен Балкан во Талин, Естонија, на којшто учествуваше министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити.

На оваа конференција на високо ниво, лидерите и експертите за сајбер безбедност имаа можност да разменуваат искуства и знаења, да дискутираат за дигитализацијата и сајбер безбедноста во регионот на Западен Балкан, користејќи ги најдобрите практики од земјите од ЕУ.

Во рамките на Форумот, министерот Алити говореше на панел дискусијата со наслов: „Најдобри практики во однос на реформите во сајбер безбедноста“, посветен на потребите и препораките за градење капацитети на оперативно ниво и заштита на информациската критична инфраструктура.

Министерот Алити се осврна на активностите на МИОА во насока на дигитализација на процесите кои се покажаа како исклучително важни особено во периодот на КОВИД-19 кризата.

Воедно ја потенцираше силната заложба за активна соработка со сите клучни фактори за зајакнување на капацитетите за сајбер безбедност.

Меѓу другото го посочи проектот со УСАИД за зголемување на сајбер отпорноста и заштита на критичната национална инфраструктура од сајбер напади, а ја истакна и потребата од формирање на Агенција за сајбер безбедност.

„Дигитализацијата треба да продолжи со забрзано темпо, но во исто време безбедноста треба да е најбитната компонента”, рече меѓу другото министерот Алити, додавајќи дека треба да ги применуваме сите позитивни искуства на западните земји и да ги истражуваме можностите.

Во исто време, министерот порача и дека земјите од Западен Балкан треба уште повеќе да ја засилат меѓусебната соработка и комуникацијата во однос на овие теми, бидеќи како што рече можеме многу да си помогнеме преку споделување на слични искуства и знаења.