МАРИЧИЌ : НЕОСНОВАНИ И НЕВИСТИНИ СЕ ДЕНЕШНИТЕ НАВОДИ ИЗНЕСЕНИ ОД СТРАНА НА ДРЖАВНАТА КОМИСИЈА ЗА СПРЕЧУВАЊЕ КОРУПЦИЈА КОН МЕНЕ

0
771

Реакција на заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, на тврдењата на Државната комисија за спречување на корупција, објавени во Дојче Веле:

Неосновани и невистинити се денешните наводи изнесени од страна на Државната комисија за спречување корупција кон мене, за какво било попречување на претседателката Ивановска да презентира и да ја извести Европската Комисија за сите активности во рамки на превенцијата и борбата против корупцијата во Поглавјето 26, „Образование и култура“, како и за сите досега одржани скрининг состаноци, каде областа хоризонтално се разгледува.

Не треба да дозволиме процесот на скрининг да биде оцрнет со вакви шпекулации, особено ако се имаат предвид сите позитивни видувања кои ги добиваме за досегашниот тек на истиот и за подготвеноста на нашите делегации.Презентацијата на ДКСК, како Главен преговарач, ја доставив пред одржувањето на билатералниот скрининг состанок на седница на Влада и истата беше усвоена без никакви интервенции, што говори за нашата искрена посветеност за транспарентност на целиот скрининг процес, без оглед на содржината.

Сите досегашни презентации на ДКСК, за поглавјата во рамки на Кластерите 1, 2 и 3 кои се зад нас, и Кластерот 4 кој е во тек, се прифатени во целост онака како што ДКСК ги предложила, и се проследени до службите на ЕК.За време на самата дискусија по оваа точка во Брисел, моја должност како главен преговарач со ЕУ беше да го пренесам ставот дека како Влада даваме целосна поддршка на сите иницијативи на независните тела, за нивно натамошно процесирање од надлежните органи, имајќи го предвид начелото на презумција на невиност во меѓувреме.

Никогаш не сум вршел притисок на никого, и досега и како министер за правда и како заменик претседател на Владата за европски прашања, сум давал безрезервна поддршка на ДКСК и заложба за зајакнување на нејзините капацитети, а со цел поголема ефикасност во она што го работи.Должен сум да ја заштитам јавноста од шпекулации на која било институција, па дури и Државната комисија за спречување корупција.Сето горенаведено, може да биде потврдено не само од присутните претставници на државните институции на билатералните скрининзи, туку и од самата Европска комисија.