МАРИЧИЌ : МНОГУ СКАПО ГИ ПЛАТИ НАШИОТ НАРОД ЛАГИТЕ, МАНИПУЛАЦИИТЕ И ЗАБЛУДИТЕ ОД ДПМНЕ

0
611

Секретарот за меѓународна соработка на СДСМ Бојан Маричиќ во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 телевизија истакна дека се спроведува она што Собранието го усвои минатата година пред отворањето на преговорите.„На 16 јули минатата година нашето Собрание ги усвои заклучоците меѓу кои беше и оваа обврска за овие уставни измени со коишто внесуваме во нашиот Устав, во преамбулата уште неколку заедници на оние што веќе се таму“, рече Маричиќ.

Тој додаде дека добар компромис е францускиот предлог кој ни го отвора патот за ЕУ, а од нас не бара повеќе од тоа што го имаме овозможено за седум заедници што се веќе запишани во Уставот и сега сакаме да го овозможиме за уште неколку и тоа не се само за бугарите, туку и за црногорците, хрватите, словенците, евреите, египќаните.

„Ние се обидуваме веќе цела година, на различни начини да разговараме со опозицијата и да ја убедиме дека ова е вистинскиот чекор, за жал, пружајќи го отпорот во целиот овој период се формира еден антиевропски блок или анти ЕУ блок што ја заострува реториката овие денови, а којшто се состои од ДПМНЕ и Левица“, истакна Маричиќ, додавајќи дека тоа се виде и вчера на седницата, каде овие две партии имаа речиси идентични позиции, ги убедуваа сите дека ова никогаш не смее да се случи или дека сега не е време дека треба да чекаме уште или да бараме подобри решенија и подобри предлози.

Маричиќ нагласи дека ова се варијанти што носат во ќорсокак и во долгогодишна блокада.

„Многу скапо ги плати нашиот народ лагите, манипулациите и заблудите од ДПМНЕ пласирани во изминатата година, но и во изминатите 15 години“, нагласи Маричиќ.
Маричиќ истакна дека сега е приликата да се излезе од оваа блокада со усвојување на уставните измени, а ако не се усвојат ќе се блокираме самите себеси и ќе се одвоиме од Албанија и потсети дека нашата држава доби кандидатски статус заедно со Хрватска, која веќе 10 години е членка на ЕУ.

„Ние не сакаме да глумиме дека ја внесуваме државата во ЕУ, туку навистина сакаме да ја внесеме во ЕУ, ќе има нов бран на проширување на Унијата и сакаме да сме дел од тие држави во пакет, а не да чекаме со земји кои имаат сериозни системски слабости“, рече Маричиќ.„Нашиот план А е единствен план, и тој е да успеат уставните измени, се останато не е никаков план се останато е криза за државата, долгорочно излегување од процесот на евроинтеграции и оставање на државата на геостратешка чистина за трети држави, кои не и мислат добро на Северна  Македонија и кои не сакаат да нé видат таму каде што сакаат да нé видат нашите граѓани, а тоа е во ЕУ“, порача секретарот за меѓународна соработка на СДСМ Бојан Маричиќ во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 телевизија.